Репертоар:

Осум уметници на 28-та меѓународна Галичка ликовна колонија

На 15 август оваа година ќе започне традиционалната 28-ма Меѓународна ликовна колонија во Галичник...

На колонијата ќе земат учество 8 уметници и тоа: Светлана Волиќ од Србија, Симон Далеманс (Белгија), Фидан Бејтулаху (Косово), Јулиа Хопкинс (Велика Британија), Рената Папишта (Босна и Херцеговина), Рок Богатај (Словенија) и Ана Јовановска и Ангел Миов од Македонија.

Галичката ликовна колонија продолжува со своите зацртани прерогативи, а тоа се квалитет во изборот на уметниците и уникатност во поглед на идејната структурираност, па оттука веќе осма година колонијата се движи во правец на дигиталните медиуми и медиа-уметностите. Поканетите уметници се занимаваат со фотографија, видео, инсталација, дигитална графика, звук, перформанс и слично.

Поканетите уметници се автори чија уметничка кариера е веќе успешно одбележана или, пак, е во сигурен успон, следејќи по бројот и имињата на изложбите на кои зеле учество индивидуално или како селектирани претставници на своите земји на групни меѓународни претставувања, а голем број од нив се занимаваат и со едукативна дејност. Изборот на дигиталната медиумска стратиграфија, а секако и секогаш примарниот аспект на внимателен избор на афирмирани уметници, ја чини оваа колонија единствена, посебна и препознатлива во Македонија, па и регионот.

Колонијата ќе трае до 22 август, а покрај престојот и работата во прекрасниот и живописен Галичник, кој со својата богата историја, традиција и природна убавина секако ќе изврши некакво влијание врз оформените уметници, авторите ќе имаат можност да посетат и некои од околните села, да ги видат прекрасните водопади во Ростуше, да го видат манастирот „Св. Јован Бигорски“, а секако и ќе се организира еднодневна посета на македонскиот бисер - градот Охрид, со едни од најубавите манастири и цркви на Балканот и пошироко, извести Ана Франговска, претседател на колонијата во Галичник.