Репертоар:

Постхумна изложба на Нове Франговски во Музеј на град Скопје

Во Музејот на град Скопје, во вторник, 25 април, со пчеток во 19.30 часот ќе биде отворена постхумна изложба со наслов „Собитија“ на академскиот сликар Нове Франговски...

Изложбата и каталогот се реализирани со подршка на Министерството за култура на Македонија и Град Скопје, а во организација и реализација на Музејот на град Скопје.

На изложбата ќе бидат презентирани над 110 дела од последниот циклус на Франговски „Собитија“, работени во последните 10 години.

Со презентирањето на оваа изложба во Музејот на град Скопје се опфаќа еден специфичен дискурс од развојот на творештвото на овој значаен македонски современ уметник, а тоа е неговиот најнов циклус дела, по кои Франговски досега не е познат на пошироката јавност, а во дадениот контекст ќе даде едно поинакво светло за неговиот уметнички развој.

Нове Франговски е роден во Галичник, 1939 година. Почина на 25 март 2017 година во Скопје. Основното и средното образование (отсек скулптура) завршил во Скопје. Во 1966 година дипломирал на Уметничката академија во Белград (отсек сликарство).

За време на студиите тој учествувал на повеќе студентски изложби, а исто така учествувал и на „Октомврискиот салон“, во Белград, во 1965 година. По дипломирањето работел како слободен уметник, а потоа, од 1971 до 1978 работел во дрвопреработувачката фабрика „Треска“. Од 1978 до 1996 година работел во трговското друштво „Славија“, а потоа како слободен уметник. Станува член на ААМ во 1967 година.

Од 1965 година бил студент на размена со престој во поранешниот Советски Сојуз, потоа во 1973 година се запишал на специјализација на Академијата за ликовни уметности во Рим - Италија. Од останатите студиски престои се издвојуваат: Парис - Франција 1977 - Добитник на стипендијата „Моша Пијаде“; Чешка Република 1992, Парис - Франција 1997, (со З. Јакимовски); Учествувал во работата 7 Меѓународни Ликовни колонии Од 1968 до 2012 година реализирал над 25 Самостојни изложби, како и над 120 Групни изложби во периодот од 1968 до 2016 година во земјава и странство.

Добитник е на наградите: 1969 - Награда за сликарство на изложбата „25 години од АСНОМ"; 1982 - „Нерешки мајстори" - награда на ААМ, Годишна изложба; 1983 - „Никола Мартиновски“, награда- изложба „ААМ - цртање 83" Овој ценет и докажан сликар е претставен во книгата „Уметност на тлу Југославије“, (Уметноста на тлото на Југославија), од едицијата „Сликарство двадесетог века“, (Сликарство во XX век), стр. 56, а е застапен и во националната колекција на Националната галерија на Македонија.

Франговски, исто така, се истакнува и со своите организациски вештини. Во 1990 година ја основа Галичката ликовна. Колонијата има меѓународен карактер и на неа учествувале над 250 македонски и странски уметници кои имаат голем придонес за развојот на уметноста насекаде. Досега се одржани 27 сесии, а создадените дела биле презентирани на 13 биенални изложби.

Изложбата ќе биде отворена од 25 април до 16 мај во Музејот на град Скопје.