Репертоар:

Самостојна изложба на Калина Брајковска

Во четврток (22 февруари), со почеток во 19 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар ќе се отвори првата самостојна изложба на Калина Брајковска, со наслов “Joie de Vivre”.

 Калина Брајковска е родена 27.12.1979 година во Скопје; завршила на Филозофскиот факултет во Скопје на отсек Историја на уметност со археологија. Живее и работи во Скопје.

Во освртот за изложбата со наслов “Joie de Vivre” Горјан Ѓорѓиев ќе напише:

„Калина Брајковска, со радост им пркоси на обликот и формата. На овој начин најкратко би ја дефинирал уметноста на Калина, односно нејзиниот простор и бојата во заедничкиот контакт на прикажаното. Во времето што стои помеѓу нас и класичниот сликарски пристап, Калина е на границата помеѓу двата света, оној што заминал и оној што доаѓа. Нејзиниот гест е израз на контраста помеѓу сѐ околу нас, тоа е приказ сличен на земјата на Петар Пан. Сегментот на оваа изложба е полната колоритна линија, која е пуштена на слобода, во потрага по нови форми на психологијата на виденото… Колоритот го нагласува карактерот и времето за себе, создавајќи форми на ослободени фигури. Сликата сама по себе носи симбол и знак, кој означува различни типови знаци сумирани во визуелен настан. Карактерот на сликата соодветствува на идејата дека уметничката е во потрага по мотиви во сопствениот естетски двор. Таа е свесна дека сликата е видлив израз во кој треба да се открие длабочината на душата отелотворена во личната уметност. Сликите претставуваат апстрактни одеци, кои постануваат интересно искуство на време, настан и чувствување… Изразот не го поврзува гледачот со совршенството, туку со отворените феномени што влегуваат во визуелната уметност. Ведрината, упорноста и квалитетот на ликовниот израз на Калина остава длабок впечаток. Моја искрена препорака до публиката е: Погледнете убаво… Има што да се види!“