Репертоар:

Донесени мерки за унапредување на состојбата со македонскиот јазик

Владата на Република Македонија усвои повеќе предлог-мерки кои се насочени кон унапредување на состојбата со македонскиот јазик. Мерките се усвоени на вчерашната владина седница, а за нивна реализација е задолжено Министерството за култура.

- Станува збор за мерки, на кои се работеше веќе подолго време во соработка со истакнати македонисти и кои станаа дел од програмата на новиот состав на Владата на Република Македонија уште од самото стапување на функција, соопшти Министерството за култура.

Мерките предвидуваат основање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети и отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети. Се предвидува и формирање на Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, вклучувајќи изработка на академска граматика, речник, правопис, дијалектолошки и историски проучувања.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе прерасне во Македонистички центар со повеќе функции како што се организирање летна школа, стипендирање на поголем број странци, кои би дошле да ги изучуваат македонскиот јазик и култура, како и формирање на постојана школа за изучување на македонскиот јазик како странски јазик (Македоникум).

Се предвидува и формирање на Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство, како и на Школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Македонија (летен камп).

Една од мерките предвидува дополнување, преработка и доработување на електронските бази, документи, книги, списи од развојот на македонскиот јазик од страна на стручни лица, нивно освежување и споделување на вистински, научни податоци за македонскиот јазик на глобалната мрежа.

Во врска со гостувањата на македонски научни работници и уметници на странските универзитети со цел да се афирмира македонскиот јазик и култура се предлага тоа да се прави преку Годишна програма со определен фонд, чии членови треба да бидат истакнати македонисти, членови на академската заедница, непристрасни и невладини експерти.

Се предвидува и поддршка за собирачката дејност: дијалектолошки материјали, народни песни и приказни на микро - ниво, како и нивна дигитализација, во и надвор од државата, особено во соседните држави.

- Мерките упатуваат и на поддршка на албанската, како и на другите етнички заедници, преку политика на привлечност/атрактивност, за учење на македонскиот јазик и формирање на мултиетнички и повеќејазични педагошки и културни друштва, велат од Министерството за култура.

Со мерките се предвидува и обновување на родните куќи или создавање на музеи посветени на значајните личности за македонскиот јазик и култура, како и натамошна поддршка на постојните (Мисирков, Пулевски, Рацин, Џинот...) по принципот на куќата на Конески во Небрегово. Онаму каде што тоа не е можно од објективни причини, ќе се основаат и изградат нови објекти каде што би стоеле музејски поставки.

Ќе се формира и постојан Одбор за стандардизација на македонскиот јазик, во кој би членувале експерти од катедрите за македонски јазик, Институтот, МАНУ, како и истакнати писатели, новинари, лектори.... Одборот би ги решавал ад - хок проблемите што се појавуваат во практиката, а за кои нормата не пропишала решенија и би издавал Билтен во кој треба да ги дава на увид на јавноста своите решенија.

Предлог – мерките вклучуваат и спроведување на сеопфатна јавна расправа за Законот за македонскиот јазик, актуелните законски решенија и предлозите за измени и дополнувања на Законот што ќе произлезат од стручната јавност на таа дебата. 

Со мерките се предвидува и формирање на Центар за постојана подука на новинарите и на презентерите во електронските медиуми во РМ.