Репертоар:

Давор Стојановски добитник на наградата „Роман на годината“ за 2016 година

Авторот Давор Стојановски со романот „Собирачи на пепел“, во издание на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје, е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2016 што ја доделува „Утрински весник“...

На 13 март жири-комисијата за избор на лауреатот на 18-тата книжевна награда, во состав Петар Андоновски (претседател), писателката Гордана Михаилова Бошнакоска, Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност, Нове Цветаноски, публицист, литературен критичар и издавач и Катарина Богоева, уредничка на културната редакција на „Утрински весник“, со мнозинство гласови реши оваа награда да му ја додели на Давор Стојановски.

– Романот „Собирачи на пепел“ претставува книжевно остварување кое се издвојува според својот особен стил, дело кое е изведено во духот на едно ново писмо. Романот обработува веќе познати егзистенцијалистички теми како што е чувството на осаменост, стравот од блискоста, проблематичниот топос на домот како место на припадност, постојаната потрага по среќата и смислата, рече на денешната прес-конференција претседателот на жири-комисијата Андоновски.

Стојановски, како што рече, одлично владее со приказната, тој е ненаметлив и непретенциозен во пишувањето, а структурата на неговиот текст е цврста, што придонесува романот да биде и содржински и композициски убедлив.

Тој истакна дека на конкурсот пристигнале 28 романи, а во финалето за наградата влегле и романите „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојановска (1977) и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ од Игор Станојоски (1979).

Професорката Бојаџиевска смета дека наградата на Стојановски е заслужена зашто, како што рече, погледот на свет кој ни го пренесува во својата проза кореспондира со времето во кое живее.

Стојановски изрази задоволство за наградата која, како што рече, е една од најобјективните и најреномираните во Република Македонија. Упати благодарност и до луѓето кои му помогнале додека го пишувал текстот и до издавачот.

Појасни дека идејата за романот „Собирачи на пепел“ постоела подолго, а на делото работел последните пет месеци. Додаде дека е задоволен и изрази надеж дека ќе допре до пошироката публика.

Давор Стојановски е роден на 8 март 1987 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а во моментов живее во Австрија. Пишува проза, поезија, драмски текстови и критичка литература. Дел од неговото творештво е објавено во домашни и во странски антологии и книжевни списанија. Добитник е на повеќе награди.

Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот избор со четири други романи за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“.