Репертоар:

Отворена втората општинска библиотека во Илинден

Почетниот фонд на книги во библиотеката е донација од издавачката куќа „Матица Македонска“ со која Општина Илинден веќе низ години има одлична соработка и со чија поддршка ја организира Литературната манифестација „Илинден“.

Во рамките на 18-та Литературна манифестација „Илинден 2017“, во Домот на култура „Марино“ отворена е втората општинска библиотека во Општина Илинден.

Преостанаттите книги во библиотеката се обезбедени со манифестацијата „Подарете книга за Велигденско јајце-симбол на Христовото Воскресение“ во која во изминатите 11 години се собрани 32.000 книги кои се наоѓаат на полиците на Општинската библиотека „Илинден“ во населба Илинден, како и во библиотеките на трите основни општински училишта.

На отворањето на новата библиотека учествуваа и повеќемина писатели кои не го криеја задоволството што денес, како што рекоа, кога малкумина мислат на пишаниот збор, во Општина Илинден веќе се отвора втора библиотека. Особено затоа што, како што рекоа некои од нив, во последните десетлетија во нашата земја се регистрираат само затворања на постоечките библиотеки. Притоа, тие ги посетија и преостанатите простории во Домот на култура „Марино“, воодушевени од можностите што тој ги пружа во реализацијата на настани од областа на културата.

На свеченост по повод отворањето на библиотеката со свои творби се претставија неколкумина ученици-млади писатели од Општина Илинден кои веќе имаат издадено свои книги или се во подготовка да издадат.