Репертоар:

Поезијата е најиндивидуалната работа на светот

Паркот на поезијата во Струга e побогат за уште едно дрво - засадено од годинашниот добитник на „Златниот венец“, големиот американски и светски поет Чарлс Симиќ.

 

Лауреатот Симиќ на средбата со новинарите и почитувачите на поетската реч говореше за своите почетоци во пишувањето, за поттикот да ги преведува поетите од некогашна Југославија, сакајќи да им покаже на американските пријатели дека и од овде доаѓа добра поезија.

 Добитникот на Пулицеровата награда, поетот лауреат на САД и носител на многу престижни признанија е препознатлив по својата едноставност во пишувањето, специфичниот хумор и опевањето на едноставните нешта. На прашањето - Која е пораката што од Струга им ја испраќа на поетите, тој одговори: „Немам порака. Поезијата е најиндивидуалната работа на светот, посебно лирската. Поетите треба да го прават она што го прават - да пишуваат песни. Деновиве сите во САД се занимаваат со прашањето - Што треба да прават поетите во времето на Трамп“? Јас го мислам истото што и за социјало ангажираните поети и поезија од 30-те години на минатиот век или од времето на Големата депресија. Многу од тие стихови се одамна заборавани, а причината е едноставна - не биле добри“. 

По средбата со венцоносецот, во холот на хотелот Дрим беше отворена изложба на фотографии „Кратки приказни“ од Драги Неделчевски.

Свеченото отворање на 56-те Струшки вечери на поезијата е вечер во 20.30 часот пред Домот на поезијата, по што следува традиционалното меѓународно поетско читање „Меридијани“на кое ќе настапат 28 поети од странство.