Репертоар:

Промоција на збирка „Еленот слуша виножито“ од Магдалена Чапаровска

Дебитантската стихозбирка „Еленот слуша виножито” од младата поетеса Магдалена Чапаровска во издание на Издавачкиот центар „Три“ ќе ја доживее својата промоција на 15 Ноември во Менада, во 20:00 часот.

Промотор на збирката ќе биде писателот и поет Стефан Марковски.

Рецензентката Виолета Танчева-Златева за оваа прва поетска пројава на Чапаровска потенцира: „Иако се работи за поезија која е инспирирана од актуелни, современи проблеми (ангажирана поезија), сепак песните во оваа книга се издигнуваат на повисоко естетско ниво благодарение на длабоката семантика и умножените значења. Темите иако пост модерни, несомнено се и безвременски. Стилот на Чапаровска го обединува јасното и прецизното излагање на идеи со богатството и експресивноста на јазикот. Нејзиниот поетски дискурс е токму она што струи меѓу двете контрадикции. 

Тоа се стихови на млада личност која негува голема страст кон животот, има длабока смисла за детали, поседува префинета интуитивност и сензуалност, а сепак во позадина прозвучуваат со тон на длабока меланхолија, а наместа и иронија. Ваквиот противречен спој е доловен преку изборот на мотиви кои се секојдневни, но се третираат како трансцендентални. Поетесата избира да не ги разрешува парадоксите. Таа ја крева завесата и ни прикажува сценографија, но не нѐ турка внатре во неа. Останува на читателот да го преземе финалниот чекор и затоа секоја следна песна во оваа збирка остава, па дури и поттикнува желба за следната. Невозможно е да се остане непроменет по читањето на “Еленот слуша виножито”- Виолета Танчева-Златева

Стиховите ќе ги чита младата актерка Владанка Димковска.

Магдалена Чапаровска (1983) е родена во Скопје. Дипломира и магистрира Општа психологија и советување во Солун. Пишува од рана возраст, проза и поезија.

Учествува на повеќе литературни конкурси и фестивали. Во 2016 во соработка со уметницата Ивана Пирковска во КИЦ го изведуваат експерименталниот истражувачки мултимедијален проект Циклус(и) (+) (-).