Репертоар:

Промовирани нови книги од Веле Смилевски и Раде Силјан во Битола

Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола приреди промоција на книгите „Песната палимпсест“ од авторот Веле Смилевски и „Устата на јавето“ од авторот Раде Силјан.

Книгите ги промовираа професорите Даниела Андоновска – Трајковска, Златко Жоглев и Милица Димитријовска - Радевска, кои посочија на вредноста на најновите книжевни дела од авторите Смилевски и Силјан.

- Литературата е составен дел на животот, а животот составен дел на литературата. Ние двајцата, јас и Раде Силјан денес промовираме и 50 години пријателство. Тоа е еден личен мотив, но нашето творештво има и пошироко значење бидејќи во овој прекрасен град ги почнавме нашите литературни чекори и да ја раздиплуваме таа бескрајна белина на листот, истакна Смилевски на промотивниот настан во Битола.

Авторот Раде Силјан нагласи дека одлуката за организирање на промоцијата во Битола била мотивирана заради навраќање на, како што рече, нашиот извор, а наш извор од младоста е градската библиотека во Битола.

Промоцијата на најновите книги на Веле Смилевски и Раде Силјан ја следеа членови на здруженија на писатели од градот и државата, како и амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија Милан Јазбец.