Репертоар:

Во Велес завршија 50-тите Детски Рацинови средби

Со промоција на книгата за деца „Марта“ од Горјан Петревски за која зборуваше Васил Тоциновски во Велес заврши програмата на 50-тите јубилејни Детски Рацинови средби, посветени на најпознатиот македонски поет Коста Солев Рацин.

Претпладнето во рамките на програмата се одржа и традиционалниот Поетски караван низ основните училишта во Велес на кој учествуваа познати македонски писатели, како и дел од велешките писатели кои пишуваат за деца и млади.

Претседателот на организацискиот одбор на Детските Рацинови средби, Лила Арсова изјави дека манифестацијата и годинава ја остварила целта за популаризација на поезијата меѓу најмладите основците и средношколците во земјава.

- Ние преку учеството на манифестацијата и преку распишаниот литературен и ликовен конурс ги потикнуваме најмладите и самите да творат, воедно и уште повеќе да се заинтересираат и ја запознаат поезијата на Коста Солев Рацин и останатите поети, со што ја продолжуваме традицијата на оваа една од најдолгите поетски манифестации за деца во земјава, потенцира Арсова.

Таа воедно се заблагодари на општина Велес и градоначалникот Аце Коцевски кои имаа слух да ги подржат вистинските вредности да ја финансираат оваа значајна манифестација за деца и млади.

Инаку во рамките на манифестацијата во изминатите два дена децата учествуваа на ликовни и поетски работилници, ја посетија родната Спомен куќа на Рацин, прошетаа и читаа поезија по Сокакот на поезијата и се запознаа со традициите на Велес.

На манифестацијата и годинава учествуваа стотина основци и средношколци и нивните ментори од цела Макадонија.

Слободан Пандов, професор по ликовно образование од гимназиските паралелки во Пехчево, ментор на добитничката на Гран при за ликовна творба, изјави дека оваа манифестација е многу значајна за децата и младите за ширење за популаризација на поезијата и ликовната култура и останатите творечки вредности кај младите.