Репертоар:

„Езерки“ и „7/8“ со настапи во Тетово, Охрид и Скопје

Женскиот вокален етно состав „Езерки“ и оркестарот „7/8“, како дел од Хрватско-македонското друштво од Загреб, од денес (15.09) па се до 18-ти месецов ќе одржат мини турнеја во неколку градови во Македонија, во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.

Турнејата почнува денес со настап во Домот на култура „Иљо Антески Смок" во Тетово, продолжува утре во Домот на култура „Григор Прличев" во Охрид, а  ќе заврши на 18 септември со настап во „Театар Комедија” во Скопје.  Почетокот на концертите е во 19:30 часот, а влезот е бесплатен.

- Нема ништо поубаво од тоа да настапуваме во Македонија, пеејќи македонски песни. Благодарение на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија и винаријата „Тиквеш“ со нивното покровителство, овозможено ни е, уште еднаш, да гостуваме во Македонија, а со тоа на народот му овозможија бесплатно да присуствуваат на нашите настапи. Македонската музика е белег кој мора да се зачува и да ја чуе целиот свет, изјави Лена Гапиќ од „Езерки“ и „7/8“, која е по потекло од Гевгелија.

Освен концерти со македонска изворна музика во  на „Езерки“ и „7/8“ ќе биде прикажан и документарниот филм „Лудуваме за Македонија“. 

Работејќи повеќе од 22 години, етно составот „Езерки“ и оркестарот „7/8“ ја негуваат македонската традиционална и староградска музика. Досега имаат издадено четири студиски албуми: „Бакнеж“, „Мустра“, „Амфитеатар“ и „Ливингроом“, како и еден концертен албум со наслов „Спектакл“.

Од Агенцијата за иселеништво на Република Македонија соопштуваат дека со соработката со „Езерки“ и „7/8“ се зацврстува блискоста на народите во Хрватска и Македонија.