Репертоар:

Претставување на „Гласоечкото“ и „Копачката“ во Софија

Светските културни наследства од Македонија заштитени од УНЕСКО, „Гласоечкото“ од Долен Полог - Тетовско и „Копачката“ од делчевско Драмче, ќе бидат претставени пред дипломатскиот кор во соседна Бугарија и во Рускиот културно-информативен центар во Софија. 

Членовите на триото „Гавровски“ и на „Копачката“ информираа дека нивните настапи се од исклучително значење и по повод Денот на независноста на Македонија 8 Септември.

- Се гордееме со овој настап, ова е несекојдневно за нас. Вечерва во хотелот „Бисер“ во Софија наши гости ќе бидат дипломати во Република Бугарија, претставници на дипломатскиот кор. Вечерашниот настап е многу важен за нас, бидејќи ги носиме двете заштитени културни наследства од Македонија и ја промовираме нашата држава. Утревечер имаме концерт во Рускиот културно-информативен центар, каде ќе имаме одбрана публика, влезот ќе биде слободен и имаме подготвено подолга програма и настап заедно со Женскиот младински хор од Скопје „Св. Злата Мегленска“. Настапуваме заедно и сметаме дека и овој настап ќе биде одлично примен од публиката, рече Перса Стојановска од ЗФГ „Копачка“.

Таа додаде дека 69 години Копачката успешно ја промовира уникатната играорска традиција од Пијанец и ги чува автентичните чекори од орото „Копачка“, онака како што се играле во старо време во селото Драмче.

Мирослав Гавровски од триото „Гавровски“ потенцираше дека е голема чест да се претставува Република Македонија. 

- Ние ќе ги претставиме македонските непроценливи богатства, две раритени нешта. Има голем интерес кај публиката, голем интерес кај младите за продолжување на оваа традиција и посебно сме горди што ќе направиме убав спој на вокалната и орската традиција во Македонија, две уникатни нешта заштитени од УНЕСКО. „Гласоечкото“ е семејно наследство и едно богатство кое се чува со генерации од прадедо ми, па дедо ми, татко ми и чичковците, а јас сум синот на Милорад Гавровски и продолжуваме да го промовираме „Гласоечкото“ секаде каде што има интерес, истакна Гавровски.

Концертите во Софија се продолжение на бројните настапи низ Европа и промоција на македонското нематеријално културно богатство заштитено од УНЕСКО, а се организираат од Министерството за култура на Република Македонија, преку Културно--информативниот центар во Софија и во соорганизација на Амбасадата на Република Македонија во Бугарија.