Репертоар:

Признание за „Копачка“ за настапот на божикен собор во Бугарија

Фолклорната група „Копачка“ од Делчево доби посебно признание за настапот во селото Спатово, во соседна Бугарија, по повод традиционалниот Собор „Божик 2016“...

Според Перса Стојановска од фолклорната група „Копачка“, настапот има посебно значење, бидејќи оваа традиционална културна манисфестација во соседна Бугарија ја чува и негува божикната традицијата од Пиринскиот дел на Македонија, а настапот на сите фолклорни друштва се одвива пред очите на многу добри познавачи на извонриот фолклор.

– Сите обичаи поврзани со Божик се овде на ова место претставени. Со многу етно елеменнти, обичаи кои не се разликиваат многу од кај нас. Ние настапивме со женската и машката „Копачка“ и со вокална интерпретација на изворни песни. Ова гостување го реализираме на покана од нашите повеќегодишни драги соработници на полето на негувањето на етнокултурата и изворниот фолкор фондацијата „Леб и вино“ од Сандански и читалиште „Георги Попиванов“ од село Спатово, рече Стојановска.

Потенцираше дека настапот на орото „Копачката“, како светско културно наследство заштитено од УНЕСКО, беше проследен со големо внимание од публиката.

– Културниот програмски дел годинава беше исклучително богат на кој покрај нас и домаќините, мали пеачки групи, имаше и гости од Грција, „Бамбакофито“- МО.Л.О.В. и Ансамблот „Граово“ од Перник. За време на нашето претставување, бевме поздравувани со бурен аплауз во текот на целата изведба, за што добивме признание. Упатуваме благодарност до организаторите за поканата и прекрасно срочениот настан и до Министерството за култура на Македонија за финансиската поддршка, рече Стојановска.

Стојановска истакна дека 2016 година била плодна за фолклорна група „Копачка“ село Драмче, Делчево, во претставувањето на нашата држава во странство.

– Националното, но и светското културно наследство, орото „Копачката“ кое е впишано во Репрезентативната листа на нематеријални културни наследства на човештвото, се разлеа на сцените во Белград и Јагодина – Србија, во Крањ и Копер – Словенија, во Сплит – Хрватска, потенцираше Стојановска.