Репертоар:

Промоција на книга од Борис Мокров

„Ораторската вештина низ историјата“ е еден од трите завршени ракописи на Мокров кои останаа необјавени и по неговата смрт во 2005 година. Истовремено, токму на денот на промоцијата, се одбележува и 100-годишнината од неговото раѓање.

На 13 декември 2017 година (среда) во 20.00 часот во Младинскиот културен центар ќе биде промовирана книгата „Ораторската вештина низ историјата“ од Борис Мокров, издание на „Антолог“. Станува збор за постхумна публикација на еден од основоположниците на македонската журналистика Борис Мокров, со што семејството ја одбележува и 100 годишнината од неговото раѓање.

Борис Мокров е роден во Велес, во семејство на татко пекар и мајка домаќинка. Имал постар брат и помлада сестра. Тешкиот живот го натерал уште како млад да помага на татка си во фурната, која била егзистенција за цело семејство. Социјалните прилики и работничките неправди во предвоена Македонија најдобро ги забележува во средно училиште, кога е иницијатор и меѓу водачите на познатиот штрајк во велешката гимназија. Напредната велешка младина е забележана и од Кочо Рацин, тогаш веќе познат поет и борец за работничките и граѓанските права, ги организира и тајно одржува средби со нив, иако многупати се провалени при собирите, апсени, тепани од полицијата, а некои од нив и затворани. Како многумина млади велешани матуранти и Мокров заминува и се запишува на правниот факултет во Белград.

Во средината на 50-тите, во Скопје, на правно-економскиот факултет го завршува високото образование и станува дипломиран правник. Подготвува дисертација и докторира на Факултетот за политички науки, социологија и новинарство во Љубљана, во 1975 година. Потоа се вклучува во процесот на формирање високо-образовна институција по новинарство во Скопје (формирање на интердисциплинарните студии за новинарство), а некои од издадените книги – како дисертацијата „Преглед на развојот на македонското новинарство и печатот“ – стануваат учебници. Автор и коавтор е уште на неколку книги, а смртта го затекнува со три ракописа – овој што ќе го промовира неговото семејство на 13 декември, потоа „Новинарска читанка“ и „Трнливиот пат на македонското новинарство“. Умира на 30 април 2005 година, на 88 години.