Репертоар:

Самостојна изложба на Кристина Зимбакова во Белфаст

Изложбата „Песни, куфери“ на македонскиот визуелен уметник Кристина Зимбакова денеска ќе биде отворена во Центарот за уметност „Метрополитен“ во Белфаст. 

Оваа изложба ќе се одржи истовремено со светската конференција за Силвија Плат „Писма, зборови, фрагменти“ која ќе го одбележи објавувањето на „Писмата на Силвија Плат“, том 1. Организирана е од Факултетот за уметност при Универзитетот „Алстер“ во Белфаст.

Инсталацијата „Песни, куфери“ е поттикната од творештвото на оваа влијателна американска поетеса. Се состои од скулптура-куфер и деветнаесет цртежи изработени во комбинирана техника. Цртежите се олицетворение на таинствените пратки од распакуваниот куфер на поезијата и секој од нив содржи натписи со наслови од истакнати песни од Плат или клучни концепти во нејзиното творештво, а нивниот редослед создава приказна.

- Самата инсталација е фасцинантна–вистинско филозофско размислување за творештвото на Плат изразено на креативен начин. Главниот елемент на инсталацијата - куферот по кој и е насловена поставката, е загадочен и не потсетува на зборовите на Плат како и на јароста и деструктивноста преточени во нејзината поезија. Цртежите на Зимбакова се префинети, поетични и чудесни, покажувајќи ги нејзините исклучителни вредности како уметник и жарот во нејзините слики, вели кураторка на изложбата Мејв О’Брајан.

Оваа е прва самостојна изложба на Кристина Зимбакова во странство, а досега имала седум самостојни изложби во Македонија. Таа негува интердисциплинарен пристап кон уметноста, спојувајќи ги сликарството, поезијата и природните науки, а габите и лишаите се најкарактеристичен медиум за нејзиното творештво.