Репертоар:

Годишна изложба на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“

На изложбата, која оваа година ќе се одржи под насловот „À la Mode“, ќе бидат претставени триесетина модни креации, дизајнирани и изработени од студентите по моделизам и стилизам од оваа школа, a под менторство на Изет Цури од Париз и на предавачите од Италија, Швајцарија и Македонија... 

Во среда, 28 јуни, во изложбениот простор на Даут-пашиниот амам во Скопје ќе се одржи отворањето на Третата годишна изложба на модни креации во организација на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ од Скопје.

На изложбата, која оваа година ќе се одржи под насловот „À la Mode“, ќе бидат претставени триесетина модни креации, дизајнирани и изработени од студентите по моделизам и стилизам од оваа школа, a под менторство на Изет Цури од Париз и на предавачите од Италија, Швајцарија и Македонија.

На оваа годишна изложба, ќе бидат претставени и креациите изработени во рамките на проектот „Будење на скопските бисери“, поддржан од Министерството за култура на Р.М.

Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ од почетокот на своето постоење се фокусира на градење професионални кадри кои ќе бидат оспособени да работат во модната индустрија по стандардите на високата мода, притоа подигнувајќи ги самите стандарди во модата во Македонија и регионот.

Благодарение на остварените врски со модните куќи од странство, избрани студенти на оваа модна школа од Скопје имаат можност дел од своето студирање да го поминат во странство, како стажанти во модна куќа. Токму поради тоа, овогодишната изложба ќе биде посетена и од претставници од неколку модни куќи од Франција и Италија.

Изложбата е организирана во соработка со Министерството за култура на Р.М., Амбасадата на Франција во Македонија, Францускиот институт во Скопје, Општина Чаир и Националната галерија на Македонија.