Репертоар:

Одбележан светскиот ден на институтите „Конфуциј“

Со отворени часови по кинески јазик, калиграфија, кинеско уметничко сечење хартија, кинески танц, таи чи чуан, традиционална кинеска храна институтот „Конфуциј“ при  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одбележа Светкиот ден на институтите „Конфуциј“.  

 

 

Кинескиот директор на Институтот, Лијао Веи изјави на отворањето на на настанот дека овој празник има две значења.  Пред 13 години е отворен првиот институт „Конфуциј“ во светот, во Јужна Кореја. Оттогаш се отворени над 500 вакви институти ширум светот.

Лијао додаде дека  исто така се одбележува роденденот на големиот мудрец и филозоф Конфуциј, чија мисија и дела имаат цел да ги промовираат фиолозофијата, уметноста, книжевноста, етиката.

- Големиот мудрец и филозоф Конфуциј не е само филозоф, туку тој е најважниот мислител и етичар на древна Кина, а следејќи ги принципите на неговите учења овие институти во цел свет имаат цел да го промовираат образованието, филозофијата другите научни области и ние денеска го организираме овој културен настан со цел да ги приближиме кинескиот јазик и култура до Република Македонија, рече Лијао.  

Тој додаде дека овој ден е празник на сите институти „Конфуциј“ во светот.

Секретарот на Инстутитот во Скопје, Елена Дамјановска, изјави дека главна цел во нивното работење е промовирање на кинескиот јазик и кинеската култура во Македонија, како и зближување на двата народа.

Инситутот во Скопје е отворен од 2013 година и веќе четири години работи на промоција на кинескиот јазик и култура.

Дамјановска истакна дека веќе четири години се одржуваат бесплатни кинески часови за возрасните во просториите на Филозофскиот и Филолошкиот факултет на општествениот кампус. Часовите се навечер од 18 до 19:40 часот и може да се пријават сите заинтересирани. Се одржуваат и часови за ХСК испит за стандаризираниот кинески јазик, часови за калиграфија, а во договор со Секретаријатот за европски прашања се нудат и часови за државните службеници.

Дамјановска информира дека Институтот следниот петок  во Охрид организира конференција посветена на новиот пат на свилата, односно „Еден појас, еден пат“, на која се поканети гости од целиот свет, од реномираната кинеска институција, задолжена за политиките „Еден појас, еден пат“, лансирана во 2013 година од претседател Си Џипинг, која претставува основа за надворешната политика во Кина. Најавени се говорници од кинеската академија, Хардвард, Хонгконшкиот политички универзитет.

Конференцијата ќе ја отвори претседателот Ѓорге Иванов.