Репертоар:

Македонски стрип автори наградени во Белград

На меѓународниот стрип-натпревар во рамки на манифестацијата Салон на стрип Белград, кој овој викенд во главниот град на Србија се одржува по 15-ти пат, дел од наградите им се доделени на автори од Македонија.

Младата Калина Печевска од Скопје за стрипот „Отфрлената жена“ ја освои наградата „Млад лав“ за најдобар учесник во категоријата до 15-годишна возраст, а Марија Стојановска, исто така од Скопје, за стрипот „Кафе на ѕидот“ ја доби награда од спонзорот на манифестацијата „Сириус продакшн“.

За разлика од претходните неколку години кога на овој престижен стрип-фестивал од регионот учествуваа по четири до пет  македонски автори, годинава тој број е неколкукратно зголемен, за што заслуга има Стрип центарот на Македонија (СЦМ) од Велес, од каде организирано испратија петнаесетина стрипа на млади македонски таленти. Така што, по бројот на учесници, 23 од вкупно 272, како и по бројот на освоени награди, Македонија е веднаш зад домаќинот Србија.

- Стрип центарот на Македонија од порано практикува организиран настап на вакви меѓународни конкурси и фестивали, пракса што започнуваме да ја интензивираме и прошируваме. Конкретно, испраќаме стрип-дела на лица со кои СЦМ соработува, пред сѐ млади стрип-автори. Реалните факти посочуваат дека македонската стрип-сцена недоволно е застапена на вакви настани во странство. Во моментов, освен на фестивалите во Лесковац и Призрен, поискусните стрип-автори не учествуваат на други конкурси, изјави проектниот координатор Томе Трајков.

Покрај двете наградени, во официјалната селекција од сто најдобри стрипа изложени на манифестацијата влегоа и македонските автори Катерина Николовска, Мирко Бојаџијевски, Евгенија Трајковска, Катерина Апостолска, Стефанија Ристовска, како и Александар Стеванов, годинашниот лауреат на Признанието за развој и афирмација на стрипот во Македонија „Љупчо Филипов“, кое наскоро ќе биде доделено на Меѓународниот салон на стрип - Велес 2017.