Репертоар:

Започнува Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ во Битола

Со концерт на српскиот камерен оркестар „Св. Ѓорѓе“ од Белград и македонскиот виолинист Костадин Богданоски, вечерва (понеделник, 2 октомври) во Битола ќе почне 26-от Интернационален фестивал на класична музика „Интерфест“.

До 12 октомври на фестивалот ќе настапат уметници од Србија, Италија, Хрватска, Португалија, Шпанија, Турција, Украина, Франција и од Македонија, а еден дисперзиран фестивалски концерт ќе се одржи и во Велес, истакна Милица Шперовиќ-Рибарски, уметнички директор на „Интерфест“.

- Камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“ од Белград и солистот Костадин Богданоски, виоилинист од Македонија, вечер ќе изведат дела од Барток, Сен-Санс, Бизе-Ваксма, со што „Интерфест“ свечено ќе биде отворен, а во наредните денови публиката ќе може да ги чуе младите уметници Андреј Шаклев од Македонија и Алеберто Оливо од Италија, трио Фридрих, Алесиа Мартеџиани и Маурицио ди Фулвио, исто така од Италија, како и Олександр Самојленко виолинист од Украина кој ќе настапи заедно со Туту Ајдиноглу, пијано од Турција, истакна Шперовиќ-Рибарски.

Годинава на фестивалот во Битола ќе се одржи концерт на победниците од 7. Интерфест пијано натпревар, а утревечер во 20 часот во Народниот театар во Велес ќе гостуваат дуо пијано Марко Скиаво и Серџо Маркеџиани од Италија кои ќе исполнат дела од Шуберт и Брамс.

- Во рамките на „Интерфест“ целовечерни музички рецитали ќе приредат Роберт Андрес од Португалија и Дино Имери од Македонија, а на 11 Октомври во Битолскиот Музеј ќе се одржи концерт на шпанска класична музика со Хоакин Паломарес, виолинист и Алберт Хименез, пијанист од Шпанија. Интернационалниот фестивал на класични музика „Интерфест Битола 2017“ завршува на 12 октомври со музички рецитал и Бетовенова вечер во изведба на Пјер Лоран Бушарла, пијанист од Франција, информираше Шперовиќ-Рибарски, уметнички директор на фестивалот на класична музика кој вечер почнува во Битола.