Репертоар:

Зоран Радически: Македонскиот јазик ќе опстане уште 150- 500 години

Видеото во кое Македонецот Зоран Радически задно со еден холандски полиглот зборуваат на 21 јазик, пред извесно време беше хит на интернет.  

Доживувањето кога ќе го сретнете Зоран во живо е исто необично. Опкружен со луѓе од сите континенти, тој со леснотија зборува и се шегува со секого на неговиот мајчин јазик. За себе вели дека е јазично хиперактивен, дарба која ја забалежал кај себе уште многу мал. Во моментов живее и работи во Холандија, но често е во Македонија, посебно на големи промоции, литературни настани и конференции.

Тој е еден од ретките полиглоти (или хиперполиглоти) во Македонија, па и пошироко. Има познавање на околу 35 јазици и дијалекти, кои може да ги зборува од најосновно до највисоко ниво. Јазиците ги совладува со брзина од неколку недели до неколку месеци, а арапскиот е еден од потешките што одлично ги говори.

Кој е Вашиот рецепт за брзо учење на еден странски јазик?

- Уште од најмала возраст, уште кога почнав да зборувам дознав дека можам да зборувам и други јазици. Секоја година учев по неколку јазика. Рецептот е секогаш различен, но јас имам две теории – мотивација и премногу работа. Кога си многу мотивиран и работиш напорно можеш да го совладаш секој јазик.

Колку време ви е потребно за да совладате некој јазик на напредно ниво?

- Зависи од јазикот и јазичната група, понекогаш тоа се недели, а понекогаш месеци. Најтешкиот јазик можам да го совладам за два-три месеци, до ниво на А2 или Б1.

Имате и формално образование како преведувач, односно дипломиран филолог. Колку тоа Ви помогна во јазичната хиперактивност?

- Јас и пред таа формална наобразба имав големо знаење, но тоа ми беше некакво востоличување и ми помогна да се профилирам.

Како реагираа професорите на Вашиот талент?

- Секогаш сум имал проблем со нив, секогаш сум бил поинтензивен од нив, сум имал и поголемо знаење. Хиперактивноста ја совладав некаде за време на студии кога бев поповлечен и потивок во моето знаење.

Работите во Холандија, дали таму се ценат Вашиот тален и знаење?

- Секако дека повеќе се цени, што повеќе јазици знаеш повеќе вредиш и тоа таму навистина функционира и се цени.

Што Ви е најголем предизвик – симултан/консикутивен превод или можеби книжевен?

- Јас сум јазичен практичар и би издвоил две точки во кои најмногу се пронаоѓам – најчесто сакам симултано и консикутивно, а најголемо задоволство ми е препев и тоа на поезија, таа ми е на пиедесталот.

Додека преведувате симултано тоа го правите со многу страст, дали таква страст чувтствувате за секој јазик?

- Апсолутно, за секој јазикм но многу зависи и од тематиката на која работам, а посебна страст ќувствувам кога станува збор за литературата.

Како на странците им го претставувате македонскиот јазик?

- Најлесно е да им се приближи преку јазичната ггрупа на сродните словенски јазици, но најинтересно е преку раскажување приказни од нашиот фолклор на македонски јазик, на пр. од Марко Цепенков, па Итар Пејо, па пагански и словенски приказни, се’ што е од овој простор, а избирам да е генерациски блиску до оние кои ме слушаат.

Во време кога се зборува за за јазичен идентитет и закон за употреба на јазиците, има ли според Вас големи и мали јазици, дали малите јазици се загрозени?

- Ова е речиси реторичко прашање. Во денешно време малите јазици се се’ помали , а големите стануваат се ’ поголеми. Се’ повеќе мали јазици изумираат. Во светот постојат меѓу 6-7 илјади јазици, па за 100 години се предвдува дека половината од нив ќе исчезнат. Тоа го диктира напредокот на општеството и на технологијата кои ги форсираат поголемите јазици како англиски, шпански и сл, што доведува до изумирање на малите јазици, а со тоа и на цели култури и народи. Без борба. Порано се воделе борби да се наметнат, а сега е тоа без борба. Македонскиот јазик е јазичен микорсистем, мал јазик и лингвистички пресметано ќе опстане меѓу 150-500 години, под услов да го задржиме сегашниот јазичен корпус. Затоа треба што повеќе да се работи на неговото зачувување, пред се ’ во дијаспората.

Александрa Јуруковска