Репертоар:

Филмот „Кога денот немаше име“ на Бела ноќ

На 7 октомври, во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“, филмот Кога денот немаше име ќе има претпремиерно прикажување и во главниот град со две проекции со почеток од 20 и од 22 часот во кино Милениум. Влезот за двете проекции е слободен.

Филмот „Кога денот немаше име“ на Теона С. Митевска минатата недела беше прикажан во натпреварувачката програма на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ во Битола. Покрај многубројната публика, која беше воодушевена од филмот, на проекцијата присуствуваше и Агнес Годар, француската директорка на фотографија, која го снимаше овој филм, а пред задоволната битолска публика се поклонија и дел од главните актери во филмот и продуцентката на филмот.

На пресот во Битола продуцентката Лабина Митевска истакна дека овој филм стига пред домашната публика откако сигурно зачекори по светските меридијани и бележи извонреден фестивaлски пласман, а сѐ позначајни се и продажбите за дистрибуција во голем број земји, па дури и куриозитетно, што по Пред дождот, по цели две децении, е првиот македонски филм што е продаден и во големата Кина.

Во следните два месеца филмот ќе биде прикажан на уште неколку меѓународни реномирани филмски фестивали, каде што редовно привлекува огромно внимание и е проследен со впечатливи критики и одлични реакции на публиката.Најпрво, Кога денот немаше име ќе учествува во официјалната натпреварувачка селекција на фестивалот FIFF (Festival International du Film Francophone) во Намур, Белгија, кој се одржува од 29 септември до 6 октомври. Потоа, на фестивалот CineEast FF во Луксембург, од 5 до 22 октомври, на кој Лабина Митевска е специјален гостин и во нејзина чест ќе биде прикажан и култниот чешки филмСамотари.Во ноември, Кога денот немаше име ќе биде прикажан на уште три филмски фестивали: Cairo International FF во Каиро, Египет; Ljubljana Film Festival во Љубљана, Словенија, каде што веднаш потоа ќе почне со дистрибуција во киносалите; како и на сѐ поценетиот фестивал на авторски филмFestival Auteurs Film во Белград, Србија, земјата каде што исто така веќе е откупен за дистрибуција во киносалите, која започнува веднаш по фестивалот.