Репертоар:

Седумдесет и три години од минирањето на железничката линија во Демиркаписко

- Во септември и октомври 1944 година од Грција кон север се повлекувале бројни единици од групата со која командувал фелдмаршалот Лер.  Главниот штаб на НОВ на Македонија донел оперативен план за попречување на извлекувањето на оваа крупна германска воена формација. За спроведувањето на овој план на потегот Гевгелија – Неготино била задолжена Деветата македонска бригада.  Била минирана  железничката линија во должина од 150 метри кај месноста Прждевски лаки. Мините се активирале  кога првиот дел од возот го изминал минираното место.

Зафатените последни вагони биле  уништени и загинале  околу 90 германски војници, имало и многу ранети. Меѓутоа, војниците од првите вагони зазеле  борбени позиции и почнале со пребарување на теренот, заробувајќи десетина партизани, кои веднаш биле  обесени, со главите надолу. Но, одмаздата не завршила  таму. Германците, во раните утрински часови на 6 октомври, навлегле  во селата Прждево и Бесвица и одмаздата била  уште покрвава. Во Прждево биле  стрелани 20, а во Бесвица 40 невини селани,  вели секретарот на Општинската организација на Сојузот на борци  од  Неготино, Петар Стефанов.

Возот на завојот

Жителите на демиркаписко Прждево се гордеат со херојското минато на нивните претци, особено на настанот од пред 73 години, кога како што велат, селани од ова село заедно со партизаните кои во тој момент биле таму,  урнале еден од оклопните германски транспортни возови кои тогаш се враќале од Грција. Во тоа време Втората светска војна била при крај во Македонија, па германците се повлекувале.

Прждевецот Кире Тасев ни ги пренесе раскажувањата на неговиот дедо, за настанот кој тој го нарекувал „Возот на завојот”, а за кој зборувал целиот свој живот.

- Планот најпрвин бил да се урне воз кој бил од големо значење бидејќи превезувал големо количество на оружје, муниција и оклопни возила. Пред тунелот кај Демир Капија, кај местото Клисура. Некој од минерите кој ги познавал германските стражари кај Клисура требало да ги опие, но не успеал во тоа. Планот се пренасочил кон местото викако Завојот. Од блискиот рид Кош, се гледала целата долина и самата железничка станица во Демир Капија. Таму бил поставен стражар кој имал задача да ги извести минерите за тргнувањето на возот од демиркаписката станица, со пукање со пушка. Но фитилот на динамитот  и овој пат не бил запален оти стражарот се успал под едно дрво бидејќи бил малку поднапиен. Паднала одлука да се минира следниот воз и тогаш акцијата била успешна, се сеќава тој на секој збор од стариот.

Следувало стрелањето во Бесвица и  Прждево. Среќа во несреќа било што дел од населението веќе било евакуирано.

Добрата душа на германскиот војник

Како што можел да слушне од постарите, Германците прво им ги запалиле куќите на Прждевци кои ги затекнале во селото, а потоа ги однеле на стрелање близу селското училиште, кај чешмата Бурга.

- Не знам дали е вистина или предание, ама  ми раскажуваа дека кога селаните биле наредени за стрелање, германец кој требало да пука, спасил глава на неколкумина. На словенката Сирма која во тоа време престојувала во селото и знаела германски и рекол да пренесе на тие што ќе успее, дека тој најпрвин ќе пука угоре а тие да паднат како покосени и така да се спасат. Бил жаловит човекот, но рекол дека мора да пука, инаку и тој би се нашол во редот за стрелање. Благодарение на него, биле спасени неколку души, прераскажува Тасев, нагласувајќи дека овој дел од приказната му бил кажан од постар соселанец,  со посебни емоции.

 

Ништо помалку емотивно не било ниту кажувањето за сведочењето на еден од тие што куртулиле од стрелањето.

 

- Тој на почетокот од пукањето паднал и легнал на земјата а врз него паднале други луѓе и така потскриен малку, успеал да се спаси. Во еден момент го облеала леплива течност по лицето, тоа била крвта на убиените соселани. Додека престанал дури и да дише за да не биде откриен, повторно слушнал истрели со кои германски офицер ги дотепувал оние за кои мислел дека се сеуште живи. Почувствувал силна болка во колкот. Откако заминале германците, дошле неколку жени и ги извлекле преживеаните. Инаку, брат му на дедо ми, бил прв во редот и прв погоден од куршум. Многу жалеше мојот дедо по него, прераскажува тој.

Тасев пренесува дека според кажувањата меѓу мештаните, најпрво селото било нападнато со минофрлачки гранати, а веднаш потоа било опколено од пешадија. Ама за среќа голем дел од селаните биле избегани, по претходно предупредување.

Германски војници признавале дека војуваат под присила

Како што пренесува Тасев, од тоа што го дознал, пред овој настан прждевци немале некои посебни  проблеми со германските војници. Тие честопати доаѓале во селото и престојувале во селското училиште.

- Понекогаш некои од нив им кажувале дека и самите потекнуваат од село и дека имаат фамилија дома, дека под присила дошле да војуваат. Се случувало дури и да помагаат во земјоделските работи, во жетвата, вели Тасев

Но, открива и поинакви кажувања.

- Еднаш некои од селаните се договориле со партизаните да ги наместат Германците во селото. Прждевци кои надалеку важат за пијачи, испратиле неколку селски боеми на заедничка пијанка со германските војници. Откако ги опиле, ги убиле. Тогаш немало одмазда, оти германски офицер констатирал дека неговите војници не се придржувале кон редот во војската и се испијаниле, прераскажува нашиот соговорник.

Во чест на стреланите, во Прждево се изградени споменик и спомен чешма по име Солинарка. Испеана е и песната „Прждевчани а бре селани”.

Професорот по историја во пензија, Блаже Лазовски од Неготино, кажува  неколку историски факти поврзани со тоа време, а кои се дел од монографијата за Неготино, од професор доктор Ѓорѓи Малковски. Според монографијата, деветата бригада извела неколку успешни акции во тоа време. Била оштетена скретницата или свртницата на железничката пруга помеѓу Демир Капија и Дуброво. Во десетдневни борби на просторот од Дреновска клисура до Демир Капија и Гевгелија биле убиени 320 германски војници, 32 биле заробени. Уништени биле 62 камиони, во воздух дигнати многу мостови. Меѓу партизаните имало 15 мртви и 25 ранети. Бригадата разурнала  и железнички постројки и нападнала  една непријателска композиција при што германците имале големи загуби. Тогаш загинале десет борци од бригадата, а осуммина заробени, ѕверски биле убиени. Во блиските села Прждево и Бесвица биле стрелани 64 селани.

(МИА) Светлана Дарудова