Репертоар:

Научна конференција за Кокино

Вкупно 33 истражувачи од повеќе држави учествуваат на тридневната археолошка меѓународна научна конференција „Кокино-Дар на боговите“ во Старо Нагоричане.  

Конференцијата е дел од проектот за кој Музејот од Куманово конкурираше во програмата на УНЕСКО, а има за цел научна, културна и туристичка промоција на локалитетот. 

- Имаме учесници професори од Србија, Бугарија, Косово, Македонија, Грција, САД и се надеваме дека ќе стане традиционална и оти следната година ќе организираме уште подобра конференција. Во рамки на проектот, по завршување на конференцијата предвидено е издавање публикации, изјави Дејан Ѓорѓиевски, арехеолог во Музејот Куманово.

Во рамки на проектот, минатата недела во Музејот беше одржана изложба на артефакти пронајдени на локалитетот. Организаторите најавија дека ќе издадат и публикација која ќе биде дистрибуирана по светските библиотеки.

Филип Михајлов од Музејот од Перник, Бугарија истакна дека Кокино е еден од најубавите локалитети.

- Неверојатно, и светилиште и објект со многу интересни пронајдени артефакти. Со сигурност можам да кажам дека Кокино бил важен култен центар за реонот, но и за поширокиот регион, изјави Михајлов.

Кон крајот од годинава, организаторите ќе ги соберат ракописите и ќе објават поголема публикација, која заедно со претходно објавениот каталог ќе послужи за научна афирмација на локалитетот.