Репертоар:

Пророчки стихови

Kон поетската книга „Устата на јавето“ од Раде Силјан, Матица 2017

„Устата на јавето“ е најновата поетска книга на Раде Силјан која е продолжение и потврда на сиот негов досегашен поетски стремеж – да ги преточи во песна поетските сомнежи за тежината на векот (македонски) во кој живееме.

Силјан е еден од ретките современи македонски поети кој така доследно и исцело и се предава на патриотската песна на еден многу едноставен, но моќен и силен начин, низ стегнат стих кој врие од емоции. Книгата има шеесет песни затворени меѓу пролог и епилог и јасна линија водена од естетската, етичката и емотивната девиза на поетот.

Песните започнуваат со „Поетот на нашето време“ - влез во внатрешното поетско „јас“ на Силјан или на секој оној кој одлучил да се бори за поезијата и тоа да го сфати како животна определба, нималку лесна, нималку славна, оти според него: „поетот на нашето време.../во свет од лажни слики/ пред олтарот на тагата/ко свеќа догорува сам“. Сликите пред кои се исправа лирскиот субјект, а со него и читателот, се меѓу сонот и јавето, меѓу молкот и крикот, меѓу „она што ќе те сретне на патот/ и она што ќе те проколне во животот“. Стиховите се и интимни, лични, пеења за еден живот, едно патешествие, но и објективни, екстровертни, свртени кон мигот во кој живееме сите, во кој живее нашиот народ, нашата земја.

Силјан константно се занимава со мотивот на татковината, тој се провлекува низ сите негови збирки, низ сите негови размисли и пеења кои се предупредувачки и пророчки. Во неговите песни Македонецот е од пуста земја, пусто племе, црно семе. Поетот е мајстор на својот занает, неговиот јазик е прочистен, исчистен, истенчен, низ неговите стихови не се провлекува ништо вишок, се’ е згуснато и цврсто, поставено на место – јасно. Насловите се метафори што функционираат како теза и прашање, на кои најчесто еден од стиховите се нуди како поента или одговор.

Песните од „Устата на јавето“ на Раде Силјан ја избегнуваат патетиката, патосот и политиката, а тоа е значајно бидејќи во современата македонска лирика ретка е ангажираноста на стихот со таква доза смерност, истрајност и умешност.

Александра Јуруковска