Репертоар:

Хуманитарен хепенинг за донирање училишен прибор во Градски парк

Училишен прибор, тетратки, моливи, пенкала, ранци, книги, секаков вид боички и друг училишен материјал вчера (недела, 10 септември) беа донирани од граѓани кои дојдоа на хуманитарниот музички хепенинг посветен за деца од социјално загрозени семејства кој се одржа во Градскиот парк кај Школка .

Хуманитарната акција е во организација на „Мрдни со прст“, Меѓународниот сојуз ‒ Скопје, Националниот младински сојуз на Македонија и Агенцијата за млади и спорт.

Бојан Петровски, од „Мрдни со прст“, рече дека ова е мал чекор и не е решение на проблемот и ги повикуваме институциите да се зафатат со работа, за идната година да нема можност за вакви хуманитарни акции.

- Целта е да донираме училишен прибор за оние кои најмногу им е потребно. Денеска не собираме финансии, собираме училишен прибор. Ги повикувам граѓаните да дојдат и да донесеме насмевки на тие деца на кои им е најмногу потребно, изјави Петровски.

Посочи дека ова е централниот настан,а акцијата ќе продолжи и во Свети Николе, Прилеп и Кичево, како и дека се договараат и неколку други градови.

Донациите со комбето на „Мрдни со прст“ ќе бидат дистрибуирани на околу 120 деца од шест основни училишта во Скопје и околината, ученици во ОУ „Сами Фрешери“ во село Глумово, ОУ „Марко Цепенков“ во Зелениково, ОУ „Ѓерг Кастриоти Скендер Бег“ во Арачиново, ПОУ „Златан Сремец“ во Кисела Вода, ОУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево, ОУ „Дитурија“ во Сарај и три подрачни основни училишта во селата Крушопек, Грчец и Љубин.