Репертоар:

Дебата за Стратегијата за култура - новина во делот на културните различности

Министерството за култура ја одржа третата сесија на јавната дебата за предлог-текстот за стратегијата во културата 2018-2022...

Особено внимание ќе се посвети на деца и лица со посебни физички потреби, лица со потешкотии во развојот или со последици од потешкотиите во развојот, деца и малолетници без родители, самохрани родители...

Досегашните развојни стратегии во културата потфрлија во создавањето општествен простор за учество на овие ранливи, маргинализирани и социјално загрозени категории. Нивното право и потреба за општествено реализирање, социјализација или пак изразување преку културно-уметнички форми е речиси брутално стигматизирано до позиција на гетоизација, се наведува во Предлог-стратегијата.

Натаму се посочува потребата културата и уметноста како најзначајни комуникациски сегменти да понудат нова стратегија, нова културна политика која мора да понуди простор за коренити промени и во насоката на суштествено поинакво прифаќање на културните и творечките потреби и на овие категории граѓани. 

Александар Ристовски, претседател на здружението на автори на музички дела „Шпато“, на дебатата што уследи во врска со Предлог-стратегијата, реагираше за квотите на застапеност на македонски производи, кои според него треба да бидат усвоени од Министерството за информатичко општество и администрација.

- Министерството за култура носи програма за проекти, но од друга страна Министерство за информатичко општество ќе носи закон со кој што нема каде да се пласираат тие проекти, вели тој.

Според Петрит Сарачини, портпарол на Министерството за култура, дел од легислативата што е за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да се усогласи со директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги.

- Потребно е да се изанализираат аспектите на директивата за да се види како да се предложат одржливи начини за застапување на културата, аудио визуелните медиумски приозиводи, на културните работници и уметниците од Македонија на македонските медиуми, вели тој. 

Смета дека треба да се има реален пристап, а не стратегијата да претставува список на желби.

Јавната дебата Министеството за култура ја подготвува во соработка со независните здруженија Култ-Транзен и Јадро.