Репертоар:

Ќе се гради велосипедска патека од Штип до античкиот локалитет Баргала

Станува збор за конструкција на велосипедски патеки, неколку на Осоговските планини во должина од 35 километри и една патека од Штип до античкиот локалитет Баргала во должина од 6,5 километри... 

Општина Штип ќе биде дел од проектот за локална и регионална конкурентност со проект од областа на туризмот кој носи наслов „Планински велосипедски рај“, информираше на денешната прес-конференција Драган Ристов портпарол на Општина Штип.

Тој истакна дека одлуката за општината да учествува во овој проект веќе од денеска е доставена на разгледување и усвојување на комисиите на Советот на Општина Штип.

– Носител на проектот е Центарот за развој на Источно планскиот регион, а партнери се општините Штип и Кочани. Станува збор за конструкција на велосипедски патеки, неколку на Осоговските планини во должина од 35 километри и една патека од Штип до античкиот локалитет Баргала во должина од 6,5 километри. Општина Штип ќе учествува во проектот со средства во висина од околу 50.000 евра или 3.9 отсто од вкупната вредност на проектот која изнесува 1,2 милиони евра, рече Ристов.

Тој истакна дека секоја патека ќе има фокус на биодиверзитетот, на планинскиот водопад во близина на браната Гратче и на историското минато во Штип, пред се на локалитетот „Баргала“.

Со проектот е предвидено издавање на водич за велосипедизам од 50 страници и во тираж од 5.000 примероци, потоа изготвување на апликација за мобилни телефони и развивање на дата база за велосипедски локации.