Репертоар:

Објавена годишната програма за култура, средства само за подобните

Објавена годишната програма и резултатите од годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2018, во последните денови законски предвидени, за време на викендот. Иако се направи обид да се биде транспарентен со јавна објава на износите, впечаток е дека финансирани се само подобните за актуелната власт. Многу проекти кои до сега биле поддржувани ги нема, или се со драстично намалени суми. 

Навидум транспарентно (преку објавувањето на бараната и доделената сума ), а сепак селективно и тенденциозно. Објаснувањето на дел од членовите на комисиите повеќе збучат како изговор отколку објаснување.

Одбиени и се скратени мал милион проекти, кои работеле и функционирале во континуитет и биле значаен придонес во македонската култура.

За почеток, после неколку години поддршка целосно е одбиена поддршката токму за овој сајт, за COOLTURA.mk, сајт кој зависи од средствата од Министерството, кој функционира на волонтерска основа и е еден од ретките медиуми кои ја третираат искучително културата (во најмалку 90% од својата содржина) и во исто толку голем процент, токму македонската.

Намалена е поддршката на еден куп театари, а зголемена кај други, не врз основа на квалитет, туку според тоа кој режира или е автор на текст, или кој ја води установата. Одбиен е единствениот фестивал за алтернативни музички награди кој ја анимира целата алтернативна музичка сцена, еден куп книги за деца, истражувачки проекти, изложби...

Од друга страна, пари има за геј парада и викенд на „гордоста“, за дете кое пее песни за УЧК и еден куп други „генијални“ решенија. 

Секоја чест! Резултати во 5 до 12, за време на викенд и прес кој повеќе делува како алиби за изговори. Настрана тоа што луѓе кои доделуваат средства и учествуваа во конкурсите. Најочигледно е тоа што нај наградени се оние кои изминатите години се експонираа не толку како културни работници, туку како своевидни револуционери и активисти против тогашната власт. Очигледно време било да се наплати за трудот.

А што се кажа на прес конференцијата во саботата:

- Со годишната програма на Министерството за култура обезбедуваме средства за динамична културна програма низ целата земја, ја подобруваме инфраструктурата и условите за вработените и за публиката, ги отвораме установите за независната културна сцена, создаваме нови програми, ги зголемуваме можностите за поддршка за сите актери во културата и обезбедуваме механизми за суштинска вклученост на сите засегнати страни во процесите на креирање на културните политики, вели министерот Алаѓозовски. 

Потенцира дека нивна прва цел била да ги отстранат сите аномалии што со години се провлекувале низ селектираните програми, а кои јавноста ги критикувала.

- Во програмата веќе не постои партиска, идеолошка или каква било друга негативна селекција. Програмата овозможува простор за сите уметници и за сите манифестации што имаат повеќегодишна традиција. Зад одлуките за неизбор стојат автономно конкурсните комисии и нивните образложенија за неисполнување на критериумите и потфрлање на квалитетот. Ветивме и ја остваруваме транспарентноста во целиот конкурсен процес и во објавувањето на резултатите. Таа е драстично зголемена во однос на минатото, истакна Алаѓозовски.

Интересно е да се потенцира дека има доста контрадикторност во оваа изјава, знаејќи дека 

Освен тоа, посочи, Министерството за култура од овој циклус воведе целосно нова конкурсна апликација за интердисциплинарни проекти, со што ја демонстрира и во пракса заложбата за приклучување на македонската култура кон современите и иновативни светски трендови.

- Врвен приоритет меѓу сите програми е заштитата на културното наследство. Сите загрозени фрески, икони, историски објекти, како на пример црквата во Курбиново, Скопскиот аквадукт, фреската Св.15 Тивериополски маченици, се планирани или за директна конзервација или за изработка на основен проект, што е прв чекор во нивното санирање и заштита. Заштита им беше потребна и на многу објекти на културата низ целата земја, поради долгогодишно отсуство на грижа и финансии. Обезбедивме средства за санација на сите загрозени објекти на националните установи. Со посебна програма од 60 милиони денари, ќе спроведеме акција за реконструкција на покриви во над 20 објекти, рече Алаѓозовски.

Во музичко – сценската дејност обезбедиле средства и за фестивали на алтернативните жанрови – рок, електронска и светска музика, а поддржавме и повеќе џез манифестации покрај веќе етаблираните фестивали. Знаејќи ја лошата економска кондиција на општините и долговите што тие ги наследија, рече Алаѓозовски, поддржавме многу манифестации, чијшто директен или индиректен организатор се самите општини, како Опен фест, Бит Фест, Д-Фестивал и други.

Потенцира дека многу културни манифестации и истакнати уметници, кои со години беа игнорирани, првпат влегуваат во програмата или за првпат добиваат достоинствена поддршка, а зголемени активности предвидуваат и за меѓународното претставување на важните меѓународни саеми на книга.

- Министерството за култура од оваа година го активира целосно Секторот за книга при Министерството и го презема меѓународното претставување и презентирање на издавачката продукција и литературата од нашата земја, преку концептуално презентирање на автори и дела од Македонија прилагодено на тематските фокуси на саемите, што ќе ги зајакне меѓународните претставувања на македонската книжевност и издаваштво, додаде Алаѓозовски.

Претседателката на Комисијата за издавачка дејност, Оливера Ќорвезировска рече дека практиките на паушално одлучување врз нерелевантни книжевни и издавачки параметри, се обиделе да ги укинат со јасни критериуми што самите си ги задале, ги пропишале и ги применуваат.

- Прв водечки критериум беше определувањето на статусот на авторите како носечки столбови на издавачките програми, веднаш потоа и нивните хонорари и враќањето на достоинството на домашните автори од сите генерации и провениенции. Се трудевме да опфатиме повеќе жанрови, не поддржавме второ издание на ниту една книга од ниту еден автор пријавен од издавач или како физичко лице со длабока увереност дека реизданијата не се предмет на поддршка во годишната издавачка програма на Министерството за култура, рече Ќорвезировска.

Потенцира дека донеле одлука преведувачите да бидат наведени на списокот со резултатите заедно со авторите и насловите на книгите што се преведуваат, книгите кои добиле поддршка за превод со конкретен преведувач можат да бидат објавени само со неговиот превод. Додаде дека не поддржале превод на ниту една книга која е веќе преведена на македонски јазик и превод од индиректен јазик на ниту едно современо, ниту дело од претходните книжевни епохи, а преводите од класичните јазици ги третирале како врен културен приоритет. 

Членот на Комисијата за интердисциплинарна дејност, Ѓорѓе Јовановиќ рече дека Министерството за култура отворило ново институционално поглавје со сфера која е значајна на светската културна сцена.

- Комисијата ги разгледа сите пријавени проекти вкупно 96 поднесени од 73 правни лица и 23 физички лица. До министерот за култура Комисијата достави предлог за прифаќање на 71 проект, односно речиси 74 отсто од апликациите, додаде Јовановиќ.