Репертоар:

Професорот Костадин Пушара почесен член на Македонско научно друштво-Битола

Професор д-р Костадин Пушара-професор емиритус, по потекло од Црна Гора, е избран за почесен член на Македонското научно друштво, МНД-Битола...

На јавниот академски настан и свеченост во Националната установа универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола, професорот Пушара, доктор на економски науки, одржа и пристапно предавање на тема „Државите од Западен Балкан пред предизвиците на новиот светски поредок“.

- Евроинтеграциите се заеднички именител на сите држави од овој регион на патот кон ЕУ и затоа им е потребен истовремен евроинтеграциски пристап. Во оваа фаза, една од најголемите задачи на државите од Западен Балкан е да истраат во борбата против корупцијата и нејзино спречување. Корупцијата како патолошка појава го разорува моралниот и вредносниот систем и остава длабоки последици. Затоа ние од сферата на науката велиме дека корупцијата е општествено неприфатлива појава бидејќи директно ги загрозува човековите права и ги поткопува основите на стопанскиот развој, а тоа, воедно е спротивно на законските регулативи. Борбата против корупцијата е наша заедничка обврска бидејќи тоа е главен предуслов за развој на едно отворено и демократско општество, посочи професоро Пушара и порача дека е потребна меѓусебна соработка и поддршка меѓу државите од Западен Балкан, и координација со европските фактори бидејќи само на тој начин успешно ќе се одговори на сите предизвици кои пред себе ги има новиот светски поредок.

Професор Костадин Пушара предава на повеќе универзитети во светот како што се Универзитетот Ломоносов во Москва, Академијата за дипломатија во Виена, Економскиот факултет во Сегедин, Универзитетот во Подгорица и во Букурешт, Институтот „Рио Бранко во Бразилија, Универзитетот Шухов во Белгород, Универзитетот Анжеликум во Рим, а со Македонското научно друштво-Битола соработува од 2011 година.

- Фактот дека МНД-Битола во иднина во своите редови ќе го има и професорот Пушара говори дека Друштвото се повеќе се отвора и промовира надвор од државата и станува респектабилен фактор на пазарот на идеи. Од 1960 година кога е формирано, МНД-Битола во минатото овозможувало почесно членство на истакнати научни работници, а со најновата одлука тој процес ќе се реактивира, рече меѓу другото Марјан Танушевски, претседател на МНД-Битола, на свеченоста во овој град.

На академскиот настан во Битола беше најавено двојазичното издание на стручното списание „Прилози“ кое МНД-Битола во иднина освен на македонски, ќе го печати и на англиски јазик и ќе го дистрибуира во повеќе европски научни центри и институти.