Репертоар:

Велосипедистите ќе ги сондираат програмите на кандидатите за градоначалници на Скопје

Во пресрет на локалните избори, НаТочак ќе ги провери сите програми на кандидатите за градоначалници и советници на Град Скопје и ќе ги испита во однос на следните параметри:

-Какви проекти се приоритет за буџетот? Каде се наоѓа заштитата на животната средина, квалитетот на живот, здравјето во приоритетите? 

-Дали автомобилите или луѓето им се на прво место? 

-Како ја третираат безбедноста во сообраќајот? Дали го сфаќаат влијанието на инфраструктурата врз убивањето луѓе по улиците? Што ќе преземат во врска со тоа? 

-Како планираат да го решат метежот во сообраќајот? Дали преовладуваат автоцентрични или мултимодални решенија?

-Како го третираат загадувањето кое потекнува од сообраќајот? Што ќе преземат во врска со тоа?

-Дали има конкретни предлози за проширување на велосипедската мрежа?

-Како ќе ги решаваат инфраструктурните и други проблеми? Како ќе ги вклучат граѓаните?

-Како ги третираат велосипедските паркинзи? Дали ќе се воведат нови правила и стандарди?

-Дали се планира современ автоматизиран систем за изнајмување велосипеди?

-Дали се планираат активности како Денови без автомобили и со колкава честота?

-Дали се планираат други промотивни мерки за користење на велосипедот како превозно средство?

После анализата, НаТочак ќе ги изложи резултатите, слично како за парламентарните избори (линк), за јавноста сама да процени кои програми и кандидати се точакољупски и колку.

Точакот (заедно со пешачењето и унапредениот јавен транспорт) мора да го добие заслуженото место.

Точак е симбол на независно движење од најмали нозе. Независна мобилност на младите, жените, повозрасните. Точак би бил прв избор на децата за одење до школо, доколку безбедноста е на ниво.

Точак е симбол на непосреден контакт со околината, на свест и љубов за градот. Граѓаните повеќе би се грижеле за градот, кога поретко би го поминувале со голема брзина и набљудувале од зад стакла...

Точак е најефикасното превозно средство на кратки урбани дистанци до 5-6 километри (ако инфраструктурата е перфектна, и повеќе). Зафаќа малку простор и една велосипедска патека со ширина на втомобилска лента, вдомува многу повеќе граѓани на точак отколку во кола...Точак е дел од решението против гужвите.

Точак е симбол на грижа за природата, на борбата против климатските промени. Се смета дека ако само 14% од урбаните патувања на глобално ниво се прават со точак, ќе се постигнат целите на Парискиот договор. 

Точак е грижа за здравјето на сопственото срце и ум, неосетно, попатно, додека патуваш до работа ги исполнуваш препорачаните од доктор 30 минути умерена физичка активност на ден. Се смета дека за секој вложен денар во велосипедска инфраструктура општеството “заработува“ плус денари, зашто трошоците за јавното здравство се намалуваат (помалку гојазност, помалку срцеви заболувања, подобро здравје на зглобови и подобра психичка состојба, подобро здравје на бели дробови поради помало загадување, подобар имунитет…).

Може уште многу да се пишува за предностите на точакот. Во поглед на нула емисии можеби некоја идна варијанта на чиста енергија ќе му се доближи, но во поглед на другите придобивки (здравствени и просторни) е неприкосновен и затоа мора да стане интегрален дел од градските политики. 

Точакот не може да ги реши целосно проблемите, но е многу важен дел од решението на многу градски проблеми. 

Сакаме кандидати за градоначалници и советници кои можат да го согледаат огромниот потенцијал за трансформација на градот кој го има велосипедот.

Сакаме кандидати за градоначалници и советници кои не гледаат низ призмата на моменталните навики и состојби во градот, туку гледаат низ призмата на подобро здравје, подобар квалитет на живот во градот, поголема одговорност кон планетата, кои имаат визија за тоа како треба да биде, а не како “мора“ заради моменталните автоцентрични навики.

Кои нема да го одржуваат статус-квото поддржувајќи ги моменталните навики, туку ќе го трансформираат градот! 

Организаторите велат: „Се гледаме во среда, на 27.септември на 65-тата Критична маса. Возиме за вело-визии за Скопје.“