Репертоар:

Шест Оскари за „Ла Ла Ленд“, „Месечина“ - најдобар филм

На 89-то доделување на наградата Оскар на Американската академија за филмска уметност и наука, мјузиклот „Ла Ла Ленд“ освои шест Оскари и тоа за режија, главна женска улога, фотографија, музика, песна и сценографија, но филмот „Месечина“ е прогласен за најдобар филм...

На крајот на убаво организираната церемонија дојде до голем гаф, кога Феј Данавеј, која со Ворен Бити ја доделуваше наградата за најдобар филм, погрешно прочита дека добитник е „Ла Ла ленд“. И додека режисерот Демиен Шазел и тимот ги држеја говорите и славеја, нивниот продуцент Џастин Хоровиц ги прекина, велејќи им дека дошло до грешка и оти „Месечина“ е најдобар филм.

Ворен Бити потоа додаде дека го добил ковертот со името на Ема Стоун и филмот „Ла Ла Ленд“, па се збуни и накусо запре, подавајќи и го на Феј ковертот за таа да го прочита добитникот. До забуната дојде поради тоа што за секој добитник постојат по два коверти, па на Бити и на Данавеј им бил даден оној за најдобра главна глумица, а не за филм.

Режисерот Бери Џенкинс и тимот од „Месечина“ прво не можеа да веруваат што се случува, но на крајот, како што Џенкинс рече, се испадна „полудо отколку во најлудите соништа“.

Месечина освои вкупно три Оскари: за филм, споредна машка улога, која му припадна на Махершал Али, и за адаптирано сценарио.

По две награди зедоа филмовите „Манчестер покрај море“ за главен актер и за оригинално сценарио, а „Гребенот на спасот“ за монтажа и микс на звук. Дејмиен Шазел (32) стана најмладиот режисер во историјата кој е награден со оскар.

Ема Стоун доби Оскар за најдобра глумица во главна улога во „Ла Ла ленд“, Кејси Афлек (Манчестер покрај море) за најдобар актер, Махершали Али (Месечина) за најдобра споредна машка улога и Вајоли Дејвис (Fences) за најдобра женска споредна улога.

Награда за најдобар странски филм доби „Трговски патник“ на Асгар Фархади, режисерот кој не сакаше да допатува во Америка за предоскаровските случувања ниту да присуствува на доделувањето на наградите, поради забраната за влез во САД на државјаните на шест муслимански држави. Подоцна таа забрана беше суспендирана од страна на Врховниот суд.

Пораката на Фархади ја прочита американска ИТ инженерка, по потекло од Ирак Ануше Ансари.

„Голема чест ми е што ја добивам оваа награда по вторпат. жал ми што вечерва не сум со вас. Моето отсуство е знак на почитување кон луѓето од мојата и уште шест земји кои се понижени со нечовечкиот закон за забрана на влез на имигранти во САД. Поделбата на светот на категории „ние“ и „нашите непријатели“ создава страв. Тоа е лажно опрадување на агресија и војна. Тие војни ги спречуваат демократијата и човековите права во земјите кои се и самите жртви на агресија, истакна меѓу другото Фархади.

Најдобар документарен филм е „O.J: Made in America“, кој трае речиси осум часови, а е дело на режисерот Езра Еделман, а се однесува на О. Џеј Симпсон, поранешна рагби ѕвезда.

Најдобар анимиран филм е „Зоотопија“.