Репертоар:

Римски саркофаг од Херкулес од втори век во Музејот во Анталија

Музејот во Анталија изложи римски саркофаг од Херкулес од вториот век во новата ера...

Римски саркофаг од Херкулес, редок артефакт, прошверцуван во странство пред околу 50 години и неодамна вратен во Турција од Швајцарија, беше изложен во музеј во Анталија, соопшти ДПА.

Древната римска реликвија беше откриена за време на илегални ископувања во античкиот град Перге, во јужната турска провинција Анталија и прошверцувани во странство кон крајот на шеесеттите години од минатиот век, пренесе Анадолија.

Се проценува дека мермерниот саркофаг, кој ги прикажува 12-те подвизи на Херкулес, е еден од само 12 такви во светот.

Реликвијата беше откриена од швајцарски цариници во 2010 година. Анкара потоа побара да и се врати саркофагот. Во 2015 година, Обвинителството во Женева нареди саркофагот да биде вратен во Турција. Мермерниот ковчег, тежок три тони, беше донесен во Анталија на 14 септември и предаден на музејот во Анталија.

Враќањето на реликвија е симболично достигнување за Турција, која со години учествува во неколку правни битки за враќање на десетици антички артефакти, прошверцувани во странство.

- Турција бара да и бидат вратени 57 артефакти, кои во моментов се изложени во 15 различни земји, вклучувајќи и во Лувр во Париз, изјави министерот за култура и туризам Нуман Куртулмуш.