Репертоар:

Драмското студио „Чин 4 Сцена 5“ одбележува 10 години постоење

Со свечена академија што ќе се одржи вечерва, 17 март, од 20.00 часот, Младинското драмско студио „Чин 4 Сцена 5“ при ЦК „Марко Цепенков“ во киното Мис Стон, ќе одбележи 10 години од основањето... 

Иницијативата за формирање на Драмското студио била крунисана со премиерата на првата театарска претстава „Женско Царство“, во режија на актерот Милан Секулоски.

- Изминатите 10 години Драмското студио театар „Чин 4 Сцена 5“ имаше 60 премиери на театарски претстави, во кои играа над 700 млади личности од градот, Ресен, Битола, Крушево, Македонски Брод..., а претставите ги гледаше публика од над 100 000 лица. Од ДС произлегоа многу успешни прилепчани – актери, режисери, композитори, правници, доктори, водители, кинематографи.... Драмското студио стана репер за успешна приказна кога станува збор за аматерски театар, и веќе 10 години им пркоси на сите дилетантски обиди за разнебитување на зборот аматер – вљубеник во театарот. Работи само и само со една цел – театарско описменување и културна наобразба на прилепчани, и создавање на „стручна“ публика, кога станува збор за театар, велат од ДС.

На академијата ќе бидат доделени благодарници за сите кои низ годините го поддржувале работењето и визијата на „Чин 4 Сцена 5“. При тоа ќе бидат соопштени и резултатите од конкурсот за избор на најдобар драмски текст, кој беше распишан пред три месеци.

За крајот на оваа полусезона ДС театар „Чин 4 Сцена 5“ најавува дека ќе биде обновена првата претстава, „Женско Царство“, со премиера на почетокот на април, и премиерата на „Лет во место“ од Горан Стефановски, на крајот на април. Во рамките на ДС, работи и училиштето за театар, во кое членуваат 30-тина млади од Прилеп, на возраст од 6 до 30 години.