Репертоар:

„Кец на десетка“ овој петок премиерно во МНТ

Комедијата „Кец на десетка“ на авторот Митко Бојаџиски, в петок премиерно ќе биде изведена во Македонскиот народен театар. 

Во претставата играат Александар Миќиќ-таткото Доксе, Тања Кочовска-мајката Грациела, Нина Деан-ќерката Ана и Ивица Димитријевиќ во улогата на Тоше.

На прес-конференција в.д. директорот на МНТ Драган Спасов - Дац рече дека ја преработиле песната „Оnly you“ на Yazoo. Аранжманот и продукцијата е на Александар Митевски, а спотот на насловната нумера „Кец на десетка“ е сниман кај него. 

- Сите актери се фантастични и со сигурност тврдам дека имаме хит, рече Спасов-Дац. Потенцира дека режијата е колективна бидејќи сите биле вклучени во неа, во создавањето на претставата и играта. 

Тој најави дека ќе се залага во МНТ да се играат комедии кои ќе носат публика, кои ќе бидат издржани и без вулгарности, како и еднаш годишно да продуцираат една претстава за млади режисери, актери и драматурзи. 

Авторот Бојаџиски информира дека се работи за фамилијарна приказна од која се обидел да извади на површина се што е комично.

- Ја пишував како комедија и режисерот или глумецот, при процесот на работа, може слободно, природно, да го следи тој правец, таа комична линија и така се добива еден потенцијал кој овозможува креативно да се дополнува, да се збогатува претставата во зависност од концептот, рече Бојаџиски. 

Актерката екипа оцени дека се работи за добра и интересна претстава, со секојдневна проблематика и изрази надеж дека публиката ќе се забавува. 

Александар Митевски потенцира дека првпат создава музика за театар и додаде оти спонтано влегол во екипата. 

„Кец на десетка“ е претпоследната претстава за оваа календарска година во МНТ, а последната ќе биде „Мама миа“ на 24 декември.