Репертоар:

Кумановскиот театар одиграл 77 претстави пред 12.000 публика во 2017

Актерите од Кумановскиот театар во кој функционираат македонска и албанска драма лани одиграле вкупно 77 претстави пред околу 12.000 посетители. 

Ансамблот на Театар Куманово од почетокот на 2017-та подготви три премиери, од кои две беа финансирани од Министерството за култура. Тоа се „Хај Фај“ според текстот на Горан Стефановски и во режија на Јане Бојаџи и „Интрига и љубов“ од Фридрих Шилер, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. Третата премиера којашто беше изведена во текот на фестивалот „Денови на комедија“ беше „На погрешно место во погрешно време“, според мотиви на Френсис Вебер, во режија на Мирослав Петковиќ.

- Можеме да кажеме дека посетеноста е на добро ниво, но ќе настојуваме и оваа година да имаме уште поголема посетеност. Реализиравме и неколку национални, но и меѓународни гостувања во Србија и Бугарија, но и во градовите низ Македонија како Скопје и Кавадарци, изјави Себихана Скендеровска од Кумановскиот театар.

Кумановскиот театар лани гостуваше и на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде актерката Сања Русеска ја доби наградата за најдобра млада актерка играјќи ја улогата на Мира во претставата „Хај Фај“.

Со претставата „Бегај еве ја жена ти 2“, театарот гостуваше и на Фестивалот на комедија во Габрово, Бугарија и на фестивалот „Гола месечина“ во Скопје.

Љубителите на театарската уметност месецов ќе можат да проследат три претстави. На 24-ти игра „Бегај еве ја жена ти 2“, веќе наредниот ден следува „На погрешно место во погрешно време“ и за 31-ви јануари е закажано репризно издание на „Хај Фај“, која се игра на мала сцена.