Репертоар:

Огромен успех на битолскиот Народен театар во Санкт Петербург

Копродукцискиот перформанс, кој е прво меѓународно гостување на оваа национална установа во 2017 година, беше во изведба на актери од Битолскиот театар и од рускиот театар-домаќин „Вера Комисаржевскаја“...

Ансамблот на Народниот театар-Битола во театарот „Вера Комисаржевскаја“ во Санкт Петербург, со огромен успех пред тамошната публика го изведе музичко-сценскиот перформанс „Шекспир засекогаш“.

Перформансот беше изведен во форма на маратонска актерска манифестација посветена на Шекспир.

Освен во музичко-сценскиот дел, битолската група „Фолтин“ која настапува во перформансот, приреди и посебен концерт за руската публика.

Во претставата настапија актери од Македонија и Русија, но како почесен гостин настапи и народниот актер, некои го нарекуваат и актерска икона во Русија, Ивак Краско, кој иако има 89 години, се уште е активен.

Заедно со актерите од Русија настапија и битолските актери Соња Михајлова, Катерина Аневска, Никола Пројчевски, Александар Димовски и други членови на ансамблот.

Народниот театар-Битола оваа пролет, со поддршка на Министерството за култура, ќе настапи и во Канада.