Репертоар:

Театарски фестивал „Денови на комедија“ од 2 до 21 октомври

Со претставата „Целото тело тука ме боли“ во режија на Никола Пејковиќ, на театар Јазавац од Бања Лука, Босна и Херцеговина в понеделник ќе биде отворен 20-от Меѓународен тетарски фестивал „Денови на комедија 2017“.

Љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да проследат 15 претстави на театри од Македонија, Србија, Бугарија, Косово и Босна и Херцеговина. Директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, Роберт Цветковски информираше дека годинава фестивалот ќе трае до 21 октомври.

- Со тек на време овој фестивал растеше, се вклучија многу сериозни театарски куќи, така што успеа да опстои 20 години и мислам дека е доста значаен јубилеен посебно што се работи за еден од првите фестивали каде што темата е комедијата, првите фестивали во рамки на државата, рече Цветковски.

Организаторите и членовите на советот очекуваат голема посетеност и добри претстави кои ќе ги насмеат кумановци. Членот на Советот на фестивалот, Жика Крстевски, потенцира дека годинава националната установа ја отвора вратата за соработка со локалната самоуправа што ќе придонесе за збогатување на културниот живот во општината

- Оваа установа е со префикс национална, но таа е наша кумановска, рече Крстевски.

Енвер Халими, член на Советот на фестивалот, очекува наредната година да настапат театри од државите од Балканот.

Во вторник на програмата е „Аналфабет“ на Народниот театар „Григор Прличев“ од Охрид, додека во среда ќе биде изведена претставата „Пијани“, на театарот од Битола. На 5 октомври ќе биде изведена претставата „Споменик за магаре“ на театарот од Косово, а албанската драма при Кумановскиот театар ќе ја изведе комедијата „Кревет полн со непознати“.

На програмата следи „Зевзеци“ од театарот „Рачо Стојанов“ од Габрово Република Бугарија, како и Театарот комедија од Скопје со комедијата „Вардарски пастуви“. На 10 октомври ќе биде изведена претставата „Менуваме жени“ која е во продукција на агенцијата Призор од Србија, како и претставата „Држ не дај“ од Србија.

Кумановци ќе имаат можност да ги проследат и претставите „Ајде, Душко убиј ме“ на Драмскиот куклен театар „Силистра“ од Бугарија, „Дванаесетта ноќ спроти водици“ на театарот Антон Панов од Струмица, „Театар љубов моја“ на театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес, „Ништо без трифолио“ на „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, како и претставата „Силјан Штркот шанца“ на МНТ од Скопје.

Јубилејното издание ќе го затвори премиерата „На погрешно место во погрешно време“, на Кумановскиот театар. Фестивалот „Денови на комедија“ се одржува со поддршка на Министерството за култура и локалната самоуправа. Претставите почнуваат во 20 часот, а влезницата годинава чини 150 денари.