Репертоар:

Фемининологија - Хрватска vs. Македонија во Ко-Ра

Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со Друштвото на ликовни уметници и ликовни критичари на Хрватска, ја организира на изложбата „Фемининологија“ која ќе се отвори во  четврток (09.11.2017 година) во 20:00 часот во Галерија „КО-РА“ Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје со почеток во 20 часот. 

Во бескомпромисната борба за свој идентитет, во погрешните обиди да се изедначи со мажот со кого е всушност идентична, во општество на измешани вредности во кое веќе не постојат референтни точки на женскоста и машкоста, жената го загубила својот идентитет. Но во нашето цивилизациско наследство структуралните рамки што ја одредуваат се искривени уште од самиот почеток. Европскиот културолошки круг кон кој и ние припаѓаме, одреден е со јудеохристијанската приказна за потклекнувањето на жената пред злото. Од друга страна пак, наспроти нашата мајка Ева, дарот на жената да носи живот ја инаугурирал во божествено битие, во култ на обожување втемелен во култот на плодноста. Тој, допирајќи се до сите религии, станува антипод на мизогонијата кулминирајќи во култ на обожување на Големата Божја Мајка, вкоренувајќи се покасно и во христијанската номенклатура во ликот на Дева Марија.

На тој поларитет на материјална жена грешница и духовна жена светица се создадени бројни стереотипи на женскоста израснати токму од погрешното сфаќање на архетипските обрасци односно на филтрирање на оние со кои нашето патријархално општество можело најдобро да манипулира. Иако со иста, човечка природа, жената е различна личност од мажот. Таа „различност“ на жената е содржана во повеќеслојноста на нејзиниот идентитет, а не во вкоренетата дихотомија. Со наследување само на одделни негови сегменти, т.е. архетипи, сме создале погрешни обрасци на мислење и делување, структурирајќи го нашето колективно несвесно со погрешни улоги и значења на жената. Од тие претстави се појавија непосакувани стереотипи и идолатрии како погрешни проекции на она што ги отелотворува.

А вистинската смисла на архетипите всушност е во осознавањето на нивната повеќеслојност и на нивната експлоатација како модел на лична трансформација, пат до сопствените извори – до сопствената Душа. Седум уметници со своите животи и дела ги отелотворуваат темелните женски принципи што преку сложена морфологија и интердисциплинарен пристап кон сликата јасно се исчитуваат од нивните ликовни творби, акцептирајќи го токму нивниот повеќеслоен идентитет, бројните стереотипи, улогата и значењето на жената во општеството.

Тематизирајќи го и сопствениот идентитет минувајќи по „општите места“ на нашите цивилизациски потклекнувања – сексуалноста, личните слободи, моралот, наметнатите улоги, но бидувајќи и автореференцијални, допирајќи се до сопствената интима, чувства, откривајќи ни се себеси како исклучителни духовни и уметнички битија. Нивните ликовни приказни го надминуваат матичното време станувајќи општи и универзални, примордијални и современи, покажувајќи дека големите теми не се ни „женски“ ни „машки“ туку само човечки. Таа дихотомија на човечноста, на подвоеноста на душата и телото, разумот и чувствата силно изразена кај современите жени-уметници е присутна и во темата на авторките што ги претставуваме.

Решавајќи во 2016 година на хрватските уметници да им приклучам и македонски, одбрав од двата национални ликовни корпуси исклучителни уметнички личности кои во рамките на вузуелниот израз во кој делуваат досегнале високи уметнички домети и станале препознатливи и посебни. Тоа се: Гордана Бакиќ, Мерцедес Братош, Ивона Јуриќ Кљајо и Кораљка Ковач од Хрватска, како и Јана Манева-Чупоска, Наташа Милованчев и Гордана Вренцоска од Македонија.

Минатата година се претставија во Загреб со изложбата „Феминологија III“, а сега ги претставуваме во земјата на сонцето – Македонија, во Скопје.