Репертоар:

Изложба на Маја Кировска во Јужна Кореја

Изложба „Универзален ритам“ на Маја Кировска денеска ќе биде отворена во главната галерија на Вумин арт центарот во Ченгџу, Република Кореја, во организација на уметницата Санјонг Ли. 

Изложбата „Универзален ритам“ на Маја Кировска, на 16 август во 17 часот ќе биде отворена во главната галерија на Wumin Art Center, Ченгџу, Република Кореја. Организатор на изложбата е уметницата Санјонг Ли во соработка со Wumin Art Center.

На изложбата ќе бидат претставени шеснаесет дела од кои најголемиот дел се објекти, две инсталации во простор, како и две дела кои комбинираат објекти и видео.

„,Универзален ритам‘ е изложба инспирирана од една античка филозофска мисла за поврзаноста на убавината со бројот и пропорцијата и се обидува да ја отелотвори во современи уметнички дела. Тоа е симболична претстава на единството, на сè што постои во овој свет.

Комбинирајќи ги симболите на големите светски религии, ја илустрира позицијата на културата во хармоничното движење на универзумот на нејзиниот еволутивен пат. Во исто време, делата претставени на оваа изложба, покажуваат сличност со најсовршените природни објекти, кристалите, посочувајќи ги на тој начин заедничките принципи на функционирање од различните сфери на светот кој нè опкружува.

Овие дела имаат геометриски распоред на нивните елементи и секој елемент има прецизна, намерно избрана позиција. Најголемиот дел од изложбата ја сочинуваат рејлефни објекти од тенко дрво, дополнети со дигитален печат во боја, две инсталации во простор, а тука се и инсталаците ,Куќичка – мејкинг оф  и ,Оптимист  кои комбинират објекти и видео. Создавањето на овие уметнички дела е базирано врз шема, распоредена според принципите на симетрија и хармонија. Секое од нив прикажува еден претставник од различна сфера на материјалниот свет, од најмалите честички до комплексните творби на човекот. Со отстранување на сите карактеристики кои ја кријат нивната правилна структура, создадов претстави поедноставени до степен кога почнуваат да наликуваат на кристали.

Нешто што ме изненади на почетокот на ова истражување беше воочувањето дека истите правилни геометриски шеми се насекаде околу нас, во нештата создадени од природата и човекот, дури и во симболите што ги користи човекот во религиозни и други цели. На крајот, сепак, останува прашањето: Дали оваа правилност во структурата е иманентна карактеристика на светот што нè опкружува или нејзиниот корен лежи во човечката перцепција?“ – Маја Кировска

„,Универзален ритам‘ е многу смело и оригинално дело, зачудувачки поедноставена и сублимирана претстава на вечните логотипи, преку кои Маја успева да проникне до најдлабоките космички законитости. …Низ јазикот на математиката, јазикот на филозофијата и јазикот на религиите, во исто време со вешта употреба на компјутерската технологија како алатка, сите нешта се едноставни и кристално јасни. Нејзината просторно временска мрежа нè води до најдлабоките тајни на постоење на универзумот, а во исто време и нè потсетува дека сепак сме само една честичка од него.“ – вели за изложбата Мери Аницин-Пејоска.