Репертоар:

Изложба на студентски плакати во Музеј на град Скопје

На 15 март во 19 часот, во Музејот на град Скопје ќе бидат прогласени наградените автори и отворена изложбата на студентски плакати, од конкурсот за промотивен плакат, насловен „GO #MK! Република Македонија како туристичка дестинација“...

Ќе бидат претставени 50 плакати од повеќе од триесетина млади автори од Република Македонија, меѓу кои и трите добитници на главната награда. Овие тројца студенти-лауреати, во текот на летото ќе отпатуваат во Република Полска на студиска посета која ќе биде фокусирана на историјата и современоста на полскиот плакат, при што, ќе „шетаат по трагите“ на „Полската школа на плакат“ и нејзините творци-што означува посети на факултети за графички дизајн, во галерии и музеи (како што е Wilanow Poster Museum) и средби со експерти по плакат,во неколку полски градови чија историја е силно поврзана со историјата на полскиот плакат (Warszawa, Łódź).   Наградите ги обезбедува Министерството за Надворешни работи на Република Полска.

Истовремено ќе бидат прогласени и двајца почесни добитници на наградата на Музеј на град Скопје и по еден добитник на наградата на Амбасадорот на Полска, Јацек Мултановски и наградата од светскиот плакатист Ришард Каја.  

Изложбата ќе содржи и сегмент насловен „Мал плакат“ составен од 20-тина дела на детски цртежи, добиени како резултат на работилницата која Ришард Каја ја реализраше во ноември 2016 во рамките на деветиот Скопје постер фестивал.

Жирито за избор на победници го сочинуваат: Ришард Каја - илустратор, мајстор на плакатот, Полска, Јацек Мултановски - амбасадор на Полска во Република Македонија, Томислав Микулчиќ - директор на Музејот на градот Скопје, Лазе Трипков - директор на Музејот на современата уметност, Ласко Џуровски - дизајнер, типограф, основач на „Тотем“ - дизајн-студиото.

Годинава изложбата ќе биде претставена во музеите и во домовите на култура што се членови на неформалната мрежа „Музеумлинк“ во 18 градови од Македонија.