Репертоар:

Изложба на Жанета Вангели во Музеј на современа

Изложбата „СИНХРОНИЦИТЕТИ/Архив 1987 – 2017“ од авторката Жанета Вангели вечер (вторник, 15 август) ќе биде отворена во Музејот на современата уметност-Скопје.

 

 Македонската публика на изложбата, која има ретроспективен карактер, ќе има можност да погледне дела создавани во текот на последните триесет години. 

- Моето досегашно, пред се, парцијално претставување токму во градот во кој живеам и работам, иницира огромна потреба во јавноста да се изнесат сите овие слики, фотографии, видеа, видео-инсталации и објекти кои во моите приватни простори имаат статус на големо, гломазно и габаритно депо, кое сукцесивно се зголемува од година во година. Музејот на Современата уметност во Скопје, со своите монументални просторни дадености, е токму просторот кој соодвествува на мојата замисла – да се постават разнородни дела од скоро сите периоди на мојата работа и инсталации со поголеми димензии, изјави авторката за изложбата. 

„СИНХРОНИЦИТЕТИ/Архив 1987 – 2017“ е селекција на слики, дела на хартија, реди-мејд објекти и инсталации. Во кино салата на музејот може да се проследат и проекциите: Видео селекција, т.е. избор од седум кратки видеа, 30 мин., Судијата, експериментален игран филм, 102 мин., Македонија/Германија 2001, кој ја имаше својата светска премиера на 59. Интернационален филмски фестивал во Венеција во 2002 година, како и документарниот филм, Евреите од Македонија и холокаустот, 35 мин., Македонија, 2011, кој содржи ретки и вредни историски снимки од тој период, во јавноста само еднаш прикажани во Македонија.

Изложбата е во организација на Музејот на современата уметност - Скопје со финансиска подршка од Министерството за култура, а куратор е кустосот Благоја Варошанец. 

Жанета Вангели е мултимедијален уметник, активен во сферите на сликарството, фотографијата, инсталацијата, видеото и филмот. Досега имала преку 20 самостојни изложби во Скопје, Битола, Штип, Хунген, Франкфурт, Хехст, Келн, Њујорк, Стокхолм, Аделаид и др. Учествувала на повеќе од 230 домашни и меѓународни групни изложби и филмски фестивали.