Репертоар:

Изложба „Урбани документи: пејзаж - слика - предел“ во Мала станица

Годинава, повеќе од триесет европски земји ќе се приклучат на одбележувањето на „Европските денови на културното наследство“ во знакот на заедничката тема „Природата и културното наследство“. 

Во рамките на оваа општа тема планирано е активностите во Македонија да се фокусираат на темата „Водата – дар од природата“. Настаните по повод манифестацијата ќе се одвиваат во периодот од 15 до 22 септември. 

Националната галерија на Македонија ќе реализира настан во рамките на оваа европска иницијатива и ќе земе учество на манифестацијата со тематска изложба „Урбани документи: пејсаж-град-предел“, во просторот на Мала станица, отворање на 20-ти септември (среда), од 12часот. На отворањето ќе се обрати директорот на НГМ, д-р Дита Старова Ќерими. 

Селектираниот избор на дела на тема урбан предел од богатата колекција на Националната галерија на Македонија е сочинет од слики на познати и афирмирани  автори, меѓу кои Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Борко Лазески, Предраг Милосављевиќ Пеџа, Милан Коњовиќ, Мича Поповиќ и други. Голем дел од истите ќе бидат презентирани за прв пат пред јавноста на оваа изложба. Сите тие имаат посебен карактеристичен урбан лик, интересни за ликовната публика како од аспект на ликовни дела така и од аспект на историски и документарен карактер како сведоци на едно минато време. Некои дела се со веќе препознатливи мотиви, на пример некој детал од Скопје, но и дела инспирирани од Тетово, Кратово, Париз, Венеција, Загреб, Белград, Задар итн.

Изложбата вклучува и едукативни елементи преку едукативни работилници кои би овозможиле не само запознавање со овој дел од ликовното творештво, туку воедно би стимулирале и интерес кај ликовната публика, посебно кај помладата.   

Проектот е планиран според приоритетите кои стимулираат организација и презентација на истражувачки проекти и изложби кои прават пресек на одредени појави и тенденции и имаат историски, проблемски, тематски, стилски или тековни толкувања на модерната и на современата светска и македонска ликовна уметност, архитектура и дизајн. Ќе бидат презентирани околу  60тина ликовни дела, од македонската и меѓународната збирка. 

 Одбележувањето на “Европските денови на културното наследство“ започна во септември 1991 година, на иницијатива на Советот на Европа и поддршка на Европската унија. На почетокот, активности поврзани со оваа манифестација биле реализирани само во неколку земји, но веќе една деценија на истата земаат учество сите европски држави. Република Македонија се приклучи кон ова одбележување во 1996 година. Целта на манифестацијата е подигнување на свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство.

Како продолжение на оставрување на поставените цели, Националната галерија на Македонија, институција од национален интерес која долги години во континуитет го подржува образовниот процес, упатува покана до сите училишта  и ученици и за истите најавува дека во текот на манифестацијата од 20-ти до 22-ри септември ќе овозможи бесплатен влез.

И уште едно потсетување за веќе поставените изложби во објектот Чифте амам кои може да се посетат во рамките на “Европските денови на културното наследство“. Тоа се: „Од традицијата“, изложба на Решат Амети и изложба на уметнички фотографии на Мимоза Велиу