Репертоар:

Отворена изложбата на Антонио Аранѓеловиќ во МГС

Изложбата на Антонио Аранѓеловиќ привлече огромен број на посетители вчера вечер (вторник, 19 септември) во Музејот на град Скопје.

Пред неколку стотици посетители беше отворена самостојната изложба koja e збир на цртежи и графички листови во различни техники на младиот уметник Антонио Аранѓеловиќ. Реки народ се слеваа кон Музејот на град Скопје вчера вечер, а изложбата која се отвори во 20 часот, ја задржа публиката се до 23 часот.

Изложбата „Чиј е мојот град?“ на Антонио Аранѓеловиќ е во организација на Центарот за промоција на култура и туризам. На самата изложба се изложени триесеттина дела на овој млад автор.

"Изложбата претставува збир на цртежи и графички листови во различни техники кои се дел на неговиот долгогодишен творечки опус, а своевиден континуитет на она што го работи во сферата на хип хоп музиката и стрипот. Оваа изложба е доказ за творечката широчината која Антонио ја има, но и потврда за неговиот севкупен потенцијал како уметник", рече на отворањето кураторот на изложбата Александар Ристевски од ЦПКТ.

Аранѓеловиќ е роден во Скопје, во 1986 година. Завршува средно уметничко училиште "Лазар Личеновски" на отсекот Графика во Скопје во 2004. На Ликовната Академија во Скопје се запишува во 2006 година, а дипломира во 2010 на отсекот Графика во kласата на Проф. М-р Мирко Вујисиќ. Во 2011 се запишува на постдипломски студии на Ликовната Академија во Скопје во област Графика кај Проф. м-р Мирко Вујисиќ. Магистрира во Мај, 2014 со магистерскиот труд ,,Куќичка на дрво”.

Изложбата е поддржана од страна на Град Скопје, а во соработка со Музејот на град Скопје.

Истата ќе биде отворена до 30 септември 2017 година.