Репертоар:

Спомен ателје во чест на „Борислав Траиковски“

Во рамки на програмата за одбележување на големиот јубилеј 100 години од раѓањето на еден од доајените на македонското современо сликарство академскиот сликар Борислав Траиковски, во која со свои активности се вклучени НУ Завод и Музеј Битола, Македонското научно друштво и Друштвото на ликовни уметности Битола на 09.10.2017г. во НУ Завод и Музеј Битола свечено се отвори Спомен ателје Борислав Траиковски. 

Ова атеље се отвори заедно со Галеријата на икони, Галеријата на современа уметност и легатот на скулпторот Сотир Димовски, во простор кој е продолжение на веќе популарната и значајна постојана поставка на Музејот во Битола која на еден сеопфатен начин ја претставува историјата и вредностите на нашата средина.

Ателјето е реализирано со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и семејството Главинче.  Ваквиот начин на претставување на творештвото на еден сликар е единствен пример во Република Македонија, бидејќи е различен од концептот со кој сликарите најчесто се претставуваат, односно преку галерии во кои се изложени нивните дела. Таков е случајот со нашите познати сликари Никола Мартиноски во Крушево, Вангел Коџоман во Струга, Љубомир Белогаски и Родољуб Анастасов во Скопје и Кираца Висулчева во Ресен. 

Во спомен ателјето се наоѓаат најзначајните зачувани автентични експонати кои ги користел сликарот, како што е штафелајот, палетата, работниот мантил, работната маса и стол, дел од кроки верзиите на сликите, приборот за сликање, за урамување на слики, приборот за изработка на монолитографии, лични документи и фотографии, оригинални писма, блинд рамки и карактеристични слики од повеќе фази од неговото творештво (цртежи, акварели, слики со пастел, масла на платно и сл.).

Инаку, Траиковски е еден од првите македонци кои дипломирале на Академијата за ликовна уметност во Белград во 1951година. Целиот свој живот творел во Битола. Најдолго работел во своето атеље во село Бистрица, во еден исклучително натурален, мирен амбиент, во стара зграда изградена пред Втората светска војна. Траиковски во тој амбиент го пронашол својот мир и задоволство. Сликал слушајќи одбрана класична музика и шумот на водата од блиските потоци и гледајќи ги цветните раскоши, овошните насади, црвенилото на бистричките пиперки, зеленилото и прекрасните пејзажи на Пелагонија, Пелистер и Кајмакчалан. Овие елементи биле трајна инспирација во неговото творештво, а сликите со тие мотиви предизвикуваат воодушевување. Во текот на целото свое творештво го задржал исклучителниот колорит кој е главен фундамент и препознатливост на неговите слики. Сам ги подготвувал боите, платната и живеел за сликарството. Создал повеќе од 4000 слики, во различни димензии и техники. 

Сликарскиот амбиент, сега е достапен до јавноста како резултат на волјата на НУ Завод и Музеј Битола и збирката на слики кои ја поседува оваа институција, на совесноста на потомците да ги зачуваат неговите експонати и слики од кои дел потекнуваат од пред седумдесеттина години и на арх.Зоран Николовски кој успешно го планираше и организираше просторот.

Со отварањето на ателјето , творештвото на  овој сликар, препознатлив по експресионистичкиот стил, се вградува во градската и национална историја, бидејќи неговото место е таму, а со тоа се зголемува туристичката понуда на Битола. Освен тоа, преку него се потсетува за еден значаен период на македонското современо сликарство кога и други битолските уметници, а посебно групaта ВДИСТ успешно ја промовираа Битола на еден широк европски простор, како град во кој сликарството има своја вредност и посебност.

Се очекува овој проект да иницира и други активности за дополнително детално проучување на животот и творештвото на овој наш значен сликар.

Во рамки на програмата за одбележување на јубилејот по повод 100 години од раѓањето, оваа година се организираа изложби во Белград, во НУ Куќа на легатите која ја отвори Н.К.Е Принцезата Јелисавета Караџорџевиќ, изложба во Битола со дела од приватни колекции на семејства, институции и компании од Битола, а планирана е изложба во НУ Завод и Музеј Штип, поставување на спомен плоча на објектот каде се наоѓаше атељето во Бистрица и објавување на монографија во организација на МНД Битола.

________________________________________

Роден е на 15 јуни 1917 година во Битола. Во 1937 година започна со студии на Техничкиот факултет во Белград, отсек архитектура, по што со почетокот на Втората светска војна во 1941 година истите ги прекина и се врати во Битола. Во периодот од 1944 до 1947г. работи како наставник во Битола. 

Во 1951година Траиковски завршува Ликовна академија во Белград со што тој е првиот македонски академски сликар кој по ослободувањето дипломирал на таа академија. За време на студиите му предаваа секоја година различен професор (Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Љубица Сокиќ, Коста Хакман, Иван Табаковиќ). 

По 1951 година тој се враќа во Скопје каде е назначен за асистент по сликарство на Архитектонскиот факултет. Само по неколку денови престој во Скопје се враќа во Битола и изјавува: „Доколку би се преселил на друго место и не би можел да го гледам синилото на битолското небо, сигурен сум, би престанал да сликам!“.

По неговото враќање во Битола, професор е по уметност во Гимназијата „Браќа Миладиновци“, а подоцна и во Педагошката академија во Битола. 

Траиковски е доајен на битолското сликарство, прв претседател и еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) и еден од најзначајните членови на групата ВДИСТ (Видимче, Димовски, Ивановски, Спировски и Траиковски), која во поранешна Југославија остави огромен впечаток и предизвика бројни позитивни критики.

Добитник е на наградата 11-ти Октомври за животно дело (1980г.), Орден на Републиката од 2 степен, 4-ти Ноември - награда на Општина Битола и многу други. 

Почина во Битола на 11 октомври 1996 година. 

Од 2006 година во Битола, во негова чест е воведена наградата „Борислав Траиковски“ која се доделува за најуспешно дело на годишната изложба на ДЛУБ.