Дигитален ѕид ги смирува најмалите пациенти во Лондон

Стравот на пациентите е голем предизвик на сите лекари во светот, кои секојдневно се соочуваат со него, а посебно кога се работи за деца. Техниките кои се применуваат во клиниките ширум светот, со цел смирување на малите пациенти се многубројни …од разни шарени играчки, до музика.

Лондонската детска болница, Great Ormond Street Hospital неодамна инсталира интересна технологија, која се смета дека е нова стапка во револуцијата на справување со стравот на малите пациенти. Во здравствената установа, поставен е светлодиоден ѕид, кој има улога да ги води децата кон операционата сала и ги тера да заборават на страшните бели мантили и инструменти.

Проектот, наречен „Природна патека“, е 50 метри долг и се протега низ ходникот на болницата. Комбинација е од 72 000 вградени светлодиодни панели и илустрации,кои како што кажавме имаат цел да ги смират децата на пат кон операционата сала. Благодарение на него децата гледаат животни во движење, меѓу кои зајчиња, елени, коњи, ежиња и птици… кои трчкаат покрај дрвца и зеленило во дигиталната шума.

Животните оживуваат, кога сензорите вградени во таванот, засечат движење. Движењата на животните ги тераат децата да мислат на игра и да се смират. Зидот е создаден од материјал кој се одржува лесно, се чисти сам и не задржува бактерии.

Од болницата се надеваат дека наскоро ќе можат да инсталираат слични дигитални зидини на сите ходници во болницата, зошто го отцениле проектот како многу успешен.

Подготвил: Л.Ѓ.

You May Also Like