Репертоар:

Убиството на Тодор Александров

На 31 август 1924 година во месноста "Лопово", над с. Сугарево во Пирин Планина, е убиен членот на Централниот комитет на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација (В.М.Р.О) Тодор Александров.

Ова се случило во време на обидите што тој ги презел за организирање конгрес на Серскиот револуционерен округ на ВМРО и напорите што се преземале во правец на средување на состојбите во организацијата по потпишувањето на Мајскиот манифест во 1924 година.

Заземањето на новиот курс по однос на борбата за решавање на Македонското прашање, а подоцна и откажувањето од потписите на Александров и Протоѓеров, создале предуслови за тоа повеќе фактори да се заинтересираат за отстранување на Тодор Александров од лидерската позиција во ВМРО. На пат кон Конгресот на Серскиот револуционерен округ, заедно со него патува и другиот член на ЦК, генерал Александар Протогеров, но по него никој не пука. Тој останува жив, но со сомневањето дека тоа не е случајно.

Подготовка на убиството

По откажувањето од потписите на Мајскиот манифест, Тодор Александров решил да ги среди несогласувањата во сопствената организација, пред сѐ во Серскиот округ, кој во тоа време требало да одржи конгрес. Како што пишува во своите спомени Кирил Прличев, тогаш член на Задграничниот комитет на ВМРО и близок соработник на Александров, состојбите во Петричкиот округ биле загрижувачки поради самоволијата што владееле таму и што ги допуштале тамошните раководители на чело со Алеко Василев, наречен Алеко-паша. Во тоа го поддржувал и Георги Атанасов, резервен полковник на бугарската армија, инаку, несуден зет на Тодор Александров, кој бил свршен со неговата сестра Коца, а свршувачката била раскината. Александров го испратил него да ја контролира работата на Алеко-паша, но наместо тоа, како што тврди Прличев, тој се вклопил во општата атмосфера. Алеко Василев имал причини да се плаши од присуството на конгресот на Тодор Александров, а Георги Атанасов сакал да се одмазди за раскинатата свршувачка со неговата сестра. 

Откако Алеко Василев видел дека на конгресот нема да победи, бидејќи имал помалку делегати што го поддржувале, сметал дека нема друг излез за борба против Тодор Александров, освен да го убие. Затоа го поканил Тодор официјално да учествува на конгресот на Серскиот револуционерен округ, откако претходно заклучил дека во моментот кога тој ќе оди кон местото на конгресот, ќе треба да биде убиен од двајцата егзекутори Димче Вретенаров и Штерјо Влахов, кои претходно се согласиле со оваа задача. Тие беа испратени да го дочекаат Тодор на падините на Пирин кон Лапово – месност на Пирин каде што заседаваше конгресот. Тодор и Протогеров на 30 август запреле во Горна Џумаја. За обезбедување со себе го зеле Панзо Зафиров. Во едно од селата во Мелничко ги пречекале Влахов, Вретенаров, Димче Балкански и Сугарски, кои воделе две маски на кои ги качиле Александров и Протогеров.

Според спомените на Петар Шанданов, кој имал средба со веќе осудениот лидер на ВМРО на 26 август 1924 година во Ќустендил, значи само неколку дена пред неговото убиство, Александров му се пожалил за затегнатите односи во раководството на Организацијата, велејќи му дека „моите односи со Алеко и Атанасов се затегнати до прекинување“, а освен тоа, „на мое големо изненадување изгледа со нив се ујдисал и Протогеров, а паралелно со тоа е создадена и атмосфера на несогласување и сред емиграцијата во Бугарија, особено во врвот на Илинденската организација“. Притоа, Александров му рекол дека „собрал цело досие со престапи на Алеко и Атанасов“ што се состоеле од „грабежи и убиства“. Знаејќи ја атмосферата што се создавала околу него, Александров од јуни до август 1924 година значи од враќањето во Софија до неговото убиство, дејствувал мошне конспиративно, престојувајќи во Петричкиот округ и во Ќустендил, кај пунктовиот началник Ангел Узунов, криејќи се и од своите најблиски соработници.

Убиството

Тргнувајќи на пат за средување на состојбите во Серскиот револуционерен округ, Александров немал посебно обезбедување освен постојаниот придружник Панзо Зафиров, а Василев и Атанасов му ги испратиле Динчо Вретенаров и Штерјо Влахов за да го пречекаат и, наводно, да го придружуваат до местото на конгресот.

Според верзијата на ВМРО, која најмногу се базирала на кажувањата на неколку лица, директни учесници во тие настани, а пред сѐ исказот на Динчо Мицев Сугарски, Алеко Василев - Пашата, пред Гоце Манолев, Петар Говедаров, Гогата Полски и Никола Хаџиев, во куќата на Говедаров, му наредил нему (на Динчо Сугарски) да отиде од селото Горна Сушица, преку Мелник, во селото Деремислим за да пречека едно лице, кое што требало да го спроведе во селото Лопово. Во наведеното село со него дошле и војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, коишто биле блиски со Алеко Василев.

Вечерта на одреденото место пристигнале три лица и целата група заминала во селото Горна Сушица, каде што во куќата на Гоце Манолев пристигнал уште и Динчо Марков Балкански. Овде Вретенаров и Влахов го повикале Динчо Сугарски и Динчо Балкански надвор од куќата и под заклетва им соопштиле дека дојдените лица биле Тодор Александров и Александар Протогеров, им објасниле кој е едниот, а кој другиот, и им кажале дека по патот ќе го убијат Тодор Александров. Според овој исказ на Динчо им било речено дека убиството требало да се изврши по наредба на Алеко Пашата.

Околу 11 часот претпладне, групата во состав: Тодор Александров, Александар Протоѓеров, телохранителот на Александров, Панзо Зафиров, Штерју Влахов, Динчо Вретенаров, Динчо Балкански и Динчо Сугарски, на коњи се упатиле кон селото Лопово, каде што требало да се одржи Окружен конгрес на Серскиот револуционерен округ на ВМРО.

По настојување на Вретенаров и Влахов се тргнало по потешкиот и пострмен пат кон селото, што веројатно било дел од заговорничкиот план. По патот атмосферата била весела и опуштена, при што Александров, не претчувствувајќи ја опасноста, разговарал со Протоѓеров и останатите. Во еден момент групата била престигната од едно момче, кое имало задача да донесе одморени коњи, но тоа незабележано од Александров било запрено од Штерју Влахов, којшто веднаш го вратил назад. На едно планинско изворче, групата застанала да јаде. За цело време на ручекот се воделе разговори по однос на плановите на Организацијата и по однос на борбата на истата со претходната земјоделска влада на Бугарија.

Kога завршиле со јадењето, Александров му ја подал пушката на својот телохранител Панзо Зафиров, но Штерјо Влахов веднаш се замешал велејќи пушката да му ја даде на Динчо Мицов Сугарски за да не носи Панзо две пушки. Динчо Сугарски ја зел пушката, а потоа продолжиле кон месноста каде што требало да се одржи конгресот на Серскиот револуционерен округ. Kога стигнале до Сугарска Река, Александров го подзапрел коњот велејќи: „Ние се најадовме, но коњите немаат уста да кажат дека се гладни, ние треба да се сетиме и да ги оставиме да пасат“. Сите се симнале од коњите, Александров и Протогеров седнале еден до друг продолжувајќи го разговорот, а потоа се навалиле малку да одморат. Панзо седнал малку понастрана од Тодор врз пелерината, а Динчо Балкански го направил истото од другата страна откај Протогеров. Динчо Мицов Сугарски бил кај коњите, четниците Штерјо Влахов и Динчо Вретенаров останале да стојат зад Александров и Протогеров. Само што Тодор ја спуштил главата врз еден од своите два ранца, кој ги симнал од коњот, Влахов и Вретенаров стрелале во него. Во истиот миг Панзо, телохранителот на Александров, скокнал и ја грабнал пушката, но Динчо Балкански бил побрз и го застрелал без да му даде можност да интервенира. Според сведоштвото на Динчо Мицов Сугарски, кој бил сведок на целиот настан, генерал Протогеров, вџашен од тоа што се случило, почнал да вика: „Што се случи, кој пукаше?“ Тогаш Штерјо Влахов му рекол: „Господине генерал, не плашете се, јас го убив Александров затоа што ме нарекуваше кодош и сакаше да ме убие“. Генералот се онесвестил, а Динчо Сугарски, кој сè уште ја имал в раце пушката на Тодор Александров, потрчал да го попрска со вода, да го освести. Влахов и Вретенаров потоа им наредиле на Сугарски и на Балкански да ги приберат труповите на едно место и да ги покријат со гранки и лисја. Kога генералот Протугеров се освестил и прибрал, ги побарал ранците на Александров, ги товарил на својот коњ и тргнале кон Лопово. Пред мракот стигнале во Лопово и биле пречекани од Алеко Пашата и другите делегати.

Димитар Богески